Ако планирате да патувате низ Франција со автомобил, треба добро да внимавате на новиот сообраќаен знак во таа земја ако не сакате да бидете казнети. Имено, Франција воведе нов сообраќаен знак - бел ромб на сина позадина - а казната за непочитување на истиот изнесува 135 евра. Новиот знак означува посебна лента на левата страна од патот наменета за возила со најмалку двајца патници, возила со налепница за нулта емисии, такси-возила (дури и без патници), автобуси и други превозни средства од јавниот превоз.
Во некои случаи лентата е резервирана само во одреден дел од денот. Тоа се означува со палење на знакот или со дополнителен знак со временската рамка во која треба да се почитува правилото.
Целта на уредбата е да се намали загадувањето на околината, а француските власти тоа сакаат да го постигнат со намалување на бројот на возила на патиштата со зголемување на заедничкото користење на автомобилите. Камери за брзина веќе се воведени во градови како Лион и Гренобл за да се открива бројот на патници во возилата.
Новата уредба не е единствениот обид на Франција да ги стимулира граѓаните да не се возат сами. Тамошните власти имаат план за подобра искористеност на капацитетот на приватните возила.
Секој кој ќе прифати патници и активно ќе ги бара преку посреднички платформи би требало да добие бонус до сто евра. Како што пренесуваат медиумите, предвидено е исплата на наградата на двапати. Секој кој нуди превоз на онлајн платформа како „БлаБлаКар“ на почетокот ќе добие 25 евра. Ако во рок од три месеци додаде уште најмалку 9 огласи, за заедничкиот превоз ќе му бидат исплатени уште 75 евра. Понудата се однесува на рути до 80 километри и првенствено е наменета за патници кои досега редовно патувале сами. Заедничкиот превоз би требало да спречи испуштање на милиони тони јаглерод диоксид, истакнуваат од француската влада.