X
 18.04.2018 Технологија

„Фејсбук“ сака да ги скенира лицата на Европејците

„Фејсбук“ од своите европски и канадски корисници почна да бара дозвола за користење на технологијата за препознавање лица за да ги идентификува на фотографии и снимки. Со оглед на скандалот со злоупотребувањето на личните податоци, кој уште го тресе „Фејсбук“, овој потег сигурно ќе предизвика контроверзии.

- Биометриската идентификација и следењето на милијарди фотографии претставуваат сериозно загрозување на приватноста на корисниците. „Фејсбук“ сега е должен да покаже дека научил да ги почитува законите, а не дека може уште појако да ги контролира своите корисници - истакна Силкие Карло, директорка на британското здружение за граѓански слободи - Big Brother Watch.

„Фејсбук“ првично почна да ја користи оваа нова технологија надвор од Канада во 2011 година, но следната година прекина да го прави тоа на подрачјето на Европската Унија по протестите на регулаторите и кампањата за заштита на приватноста.

Од корисниците што живеат надвор од ЕУ и од Канада во текот на следните неколку месеци ќе биде побарано да разгледаат сличен сет приватни контроли, но тие и понатаму ќе бидат предмет на технологијата за препознавање на лицата, освен ако ја исклучат опцијата.

Во „Фејсбук“ веруваат дека поради оваа технологија, корисниците ќе имаат уште повеќе причини да минуваат повеќе време на социјалната мрежа. Тоа ќе ѝ овозможи на компанијата да им прикаже уште повеќе реклами и да научи нешто плус за нивните интереси, што за возврат ќе овозможи уште подобро таргетирање со огласи.

skeniranje
Фото: Freepik

Во меѓувреме, „Фејсбук“ се соочува со тужби од судот во Калифорнија поради технологијата на препознавање лица. Во тужбата се наведува дека „Фејсбук“ собирал биометриски информации без согласност од корисниците. Ова го вклучува предлагањето означување на лицата што технологијата ќе успее да ги препознае на некоја фотографија, а што е кршење на законот во Илиноис. Од „Фејсбук“ истакнаа дека ќе се борат енергично бидејќи нема основа за тужба. Тужбата ја поднесоа група луѓе, а секој од нив бара компензација.

Во врска со рекламите, од „Фејсбук“ истакнаа дека ќе продолжат да бараат од луѓето да ги прифатат таргетираните реклами како услов за користење на сервисот, став кој може да ѝ помогне на компанијата да го одржи речиси недопрен својот бизнис-модел и покрај новиот закон за приватност на Европската Унија.

Според овој закон, кој треба да стапи во сила следниот месец, компаниите се соочуваат со казни ако собираат или користат лични информации без дозвола. Од компанијата истакнаа дека оваа недела ќе бараат разни дозволи од Европејците за неколку начини на кои „Фејсбук“ ги користи нивните податоци, но дека целосно исклучување од таргетираните реклами не е можно бидејќи самиот сервис е поддржан од реклами.

Оваа недела на корисниците на „Фејсбук“ од Европа ќе им се појави голем текст и ќе мораат или да се согласат со тоа што го пишува во него и да продолжат или да изберат да ги менаџираат поставките.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија