X
 12.10.2022 Наука

НАСА потврди дека го смени движењето на астероидот Диморфос

Американската национална воздушно-вселенска администрација – НАСА потврди дека го сменила движењето на астероидот Диморфос. Ова е прва успешна мисија во која луѓето го сменија движењето на небесен објект во вселената.

Според НАСА, намерниот судир се случил во „клучен миг“ за човекот.

На 26 септември вселенското летало на НАСА намерно удри во астероидот во обид да ја смени неговата траекторија. Тестот за пренасочување на двојниот астероид (проектот насловен ДАРТ) беше прва пробна мисија од ваков вид.

Инаку, нема познати закани од астероиди на Земјата, според НАСА, од каде што нагласија дека мисијата е само тест. Анализата на податоците покажала дека патеката на Диморфос околу неговиот поголем „родител-астероид“ Дидимос била изменета за 32 минути (дел од степенот на ротација), што го прави тестот успешен.

- Првпат човештвото ја промени орбитата на планетарно тело - изјави научникот Лори Глејз од НАСА.

Администраторот на НАСА, Бил Нелсон, во соопштението соопшти дека сите имаме одговорност да ја заштитиме нашата планета.

- Оваа мисија покажува дека НАСА се обидува да биде подготвена за што и да „ни фрли“ универзумот… Ова е клучен миг за планетарната одбрана на целото човештво - нагласи Нелсон.

НАСА ја основа Канцеларијата за координација за планетарна одбрана (КОПО) во 2016 година за рано откривање закани од т.н. „објект близу Земјата“ (НЕО) со големина доволно голема – почнувајќи од околу 30 до 50 метри, да ја оштети површината на Земјата. Астрономите засега не знаат за НЕО кое би можело да ја загрози Земјата, но ударот на астероидот што пред околу 66 милиони години оставил огромен кратер на полуостровот Јукатан во Мексико, според научните претпоставки, довел до исчезнување на диносаурусите.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука