X
 23.07.2018 Живот

Работи што не е дозволено да ги правите во Венеција

Некои сметаат дека е непријателски гест кон туристите, некои дека е начин за заштита на градот од целосно уништување, додека некои веруваат дека тоа е само маркетиншки трик на локалните власти.

За што и да станува збор, кампањата #EnjoyRespectVenezia, која почна минатото лето, продолжува и оваа година.

Кампањата е насочена кон промовирање пристојно однесување на туристите, а освен пораките на социјалните мрежи, нејзините промо-постери може да се видат низ целиот град.

На овој начин се потсетуваат посетителите дека не им е дозволено да пливаат во каналите, да прават пикник на јавни места, предолго да се задржуваат на мостовите, да ги хранат гулабите, да оставаат ѓубре зад себе, да возат велосипед низ Венеција и да шетаат во костим за капење.

Мерката, која предизвика најсилни реакции од туристите и локалните жители, е воведувањето специјална контрола на улиците и на плоштадите. Контролорите носат препознатливи маици и елеци со натпис #EnjoyRespectVenezia и ги предупредуваат туристите кои, на пример, јадат сендвичи на плоштадот „Свети Марко“ дека тоа е прекршок, а потоа ги упатуваат на локација во градот каде што е дозволено да се јаде.

Фото: Pixabay

Туристите често се зачудени бидејќи не можат да веруваат дека постојат места каде што се продаваат сендвичи, пици и слична брза храна за носење, а не е дозволено јадење на улица. Контролорите засега претежно само ги предупредуваат посетителите, но во случај на бурни реакции, може да се јават во полиција и да наплатат казна од 25 до 500 евра.

Тимот од 15 контролори парадира низ градското јадро и внимава на однесувањето на туристите, чиј број на дневно ниво може да изнесува 60.000. Сепак, многу локални жители не се задоволни од кампањата.

Според некои, градот има многу поголеми проблеми од уморните туристи што се одмораат покрај каналот и го јадат својот сендвич.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот