X
 12.03.2019 Култура

Промоција на Folia Archaeologica Balkanika IV посветена на археологот кој документирал 750 стари градови и тврдини во Македонија

На овој начин им оддаваме почест на професорите-археолози на Филозофскиот факултет во Скопје кои ги посветија животите на археолошките истражувања во нашата земја и во едукацијата, и тоа го прават речиси половина век, вели уредникот проф. д-р Антонио Јакимовски

На Филозофскиот факултет во Скопје (во Амфитеатар 3), утре во 12 часот ќе биде промовирана Folia Archaeologica Balkanika IV, посветена на археологот, проф. д-р Виктор Лилчиќ-Адамс. Изданието е на Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје, со финансиска поддршка на Министерството за култура. Делото ќе го промовираат професорите Драги Митревски и Елизабета Димитрова.



Проф. д-р Антонио Јакимовски, уредник на изданието, вели дека му е чест и задоволство што учествувал во подготовката на овој број на Folia, посветен на неговиот професор, ментор на магистратурата и докторатот, пријател и другар. Во изданието на 583 страници учествуваат 31 автор со 30 научни текстови.
- Особено радува што текстовите се од афирмирани научни авторитети кои соработуваат со професор Лилчиќ-Адамс и се од целиот Балкан, согласно и насловот на Фолијата, Листови на балканската археологија. Станува збор за авторитети од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Македонија и од Бугарија. Изданието има меѓународен уреднички одбор, отпечатено е на македонски и на англиски јазик, а новина е тоа што овој број е комплетно отпечатен во боја - објаснува Јакимовски.

Антонио Јакимовски (лево) и Виктор Лилчиќ-Адамс

Во подготовката на овој волумен активно учествувале професорите од Институтот за историја на уметност и археологија - Драги Митревски, Марјан Јованов, Елизабета Димитрова, Дафина Герасимовска и Ирена Теодора Весевска. Голема поддршка имале од деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Ратко Дуев, и од техничкиот уредник, проф. д-р Никола Минов, кој вложил многу време и труд во обликувањето на Folia Archaeologica Balkanika IV.

Целта на создавањето на научното и меѓународно списание Folia Archaeologica Balkanika е да биде меѓународно научноистражувачко плато на кое ќе се среќаваат врвните авторитети на материјалните култури.
- Но, на овој начин им оддаваме почест (honoris) на професорите-археолози на Филозофскиот факултет во Скопје кои ги посветија животите на археолошките истражувања во нашата земја и во едукацијата, и тоа го прават речиси половина век. Првите три волумена беа посветени на доајените на македонската археологија, академик проф. д-р Вера Битракова-Грозданова, проф. д-р Иван Микулчиќ и проф. д-р Елица Манева - вели Јакимовски.

Виктор Лилчиќ-Адамс ги документира археолошките локалитети од 1975 година

На прашањето што значи посветувањето на вакво издание за еден истражувач, Јакимовски одговара дека значењето е огромно. Во Фолијата немало место да се публикува огромниот список на неговите истражувачки експедиции и учествата во археолошките тимови во Македонија.
- Виктор Лилчиќ-Адамс е неуморниот археолог-патник низ времето и просторот на нашата Македонија. Неустрашив и посветен истражувач. Човекот кој започнува да „јава“ низ археолошките предели на Македонија од 1975 година и не запира до денес. Тој е единствениот археолог кој лично бил, видел, документирал над 750 фортифицирани стари градови и тврдини во Македонија. Виктор е жива движечка енциклопедија на древните цивилизации на нашата македонска почва, неверојатен жив трезор на податоци од кој очекуваме и му посакуваме успешно да го заврши неговото капитално дело - Корпусот на старите градови и тврдини во нашата Македонија - вели Јакимовски.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура