X
 24.07.2022 Живот

Чехов: „Мудроста не доаѓа од возраста, туку од образованието и учењето“

Чехов е една од оние личности што стои на самиот премин кон нова ера. Да се биде претставник на тоа турбулентно и неблагодарно преодно време не е воопшто лесно.

Преминот од реализам во модернизам, преминот од 19 во 20 век, со себе носи низа важни животни прашања и дилеми на кои Чехов се обидувал да одговори, но во текот на животот се плашел дека само ги мами читателите бидејќи немал вистински одговори.

Мајстор на кратката форма, мајстор на приказни и драми, тој влегол во литературата по ремек-делата на Достоевски и Толстој. Она што го постигнале тие во романите, Чехов го постигнал во своите приказни и драми. Успеал да го изнесе на виделина она што го прави животот проблематичен, комплициран и тежок. Чехов не давал лесни решенија, всушност, и не давал решенија. Тој бил во можност точно да ги посочи сите неуспеси во нашите животи.

Во продолжение се цитати од писмата што Чехов ги испраќал, но и од неговите дела, а тие ќе ви помогнат да го разберете овој голем писател.

- Да бидеме сложени и едноставни каков што е и самиот живот. Луѓето вечераат, а за тоа време се гради нивната среќа или им се уништува животот.

- Да, ние сме најмалку 200 години зад времето. Сè уште ништо не сме постигнале; не сме одлучиле каков став ќе заземеме кон минатото; само филозофираме, се жалиме на досадата и пиеме вотка. Толку е јасно што пред да можеме во сегашноста, прво мораме да го откупиме минатото и да се ослободиме од него. А ние можеме да се откупиме само преку страдање, само со упорен и непрестаен напор.

- Зарем не го залажувам читателот дека и покрај сè, не можам да одговорам на најважните прашања?

- Ако во човек не живее нешто повисоко и посилно од надворешните околности, тогаш и кивањето е доволно за да ја изгуби рамнотежата, а сиот песимизам и оптимизам заедно со неговите големи и мали мисли едноставно имаат значење на симптом и ништо друго.

- Главната работа е да се трансформира животот, сè друго е бескорисно.

- Додека гледаше во зградите и бараките во кои спиеја работниците, повторно размислуваше за она што секогаш го мислеше кога ќе погледнеше во фабриките. Иако работниците имаа концерти, предавања со проекции, лекари и разни бенефиции, оние што денеска ги сретна на пат до железничката станица не се разликуваа по изглед од работниците што ги имаше видено одамна во своето детство, кога во фабриките немало бенефиции и претстави.

- Вие страдате од несоница достојна за почит. Во секој случај, таа е добар знак. Навистина, во времето на вашите родители таков разговор како што ние водиме сега не можел ни да се замисли. Тие не разговарале навечер, туку спиеле цврсто; а ние од нашата генерација спиеме лошо, се мачиме, многу зборуваме и постојано се прашуваме дали сме во право или не.

- Незадоволството од себеси е основен елемент на секој вистински талент.

- Мудроста не доаѓа од возраста, туку од образованието и учењето.

- Делењето на луѓето на успешни и неуспешни значи да ги гледате тесно и со предрасуди. Дали успевате или не? А јас? А Наполеон? Каде е критериумот? Би требало да си Бог за непогрешливо да го одделуваш успехот од неуспехот.

- Само сакав да им кажам на луѓето искрено: Погледнете се себеси и погледнете колку грдо и досадно живеете.

- Не кажувај ми дека месечината сјае; покажи ми го сјајот на светлината на скршеното стакло.

Извор: 6yka.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот