X
 26.01.2021 Наша тема

Преквалификација, работа од дома, роботизација... Подготвени ли се Македонците за професиите на иднината по пандемијата?

Колку и какви промени се наметнуваат врз општествата поради пандемијата на Ковид-19 и колку оваа здравствено-економска криза ќе биде поттик за создавање нови професии, нови дејности или, пак, напротив - ги истакнува недостатоците на одредени промени што се случуваат

Автоматизација и роботизација на работните процеси, раселување на населението, но и понатамошна примена на работењето од дома или од далечина очекуваат светските економисти. Во една од анализите изработена од економистите на Меѓународниот монетарен фонд - ММФ за иднината на работните места, која ја базираат на анкети направени меѓу деловни лидери и стратези за човечки ресурси од целиот свет, се мапираат дел од процесите кои очекуваат да се одвиваат во следниот период, а кои, според нив, се поттикнати од пандемијата на Ковид-19.

- Работната сила се автоматизира побрзо од очекуваното, поради што се очекува раселување на 85 милиони работни места во следните пет години. Автоматизацијата, заедно со рецесијата предизвикана од Ковид-19, прави „двојно нарушување“ на пазарот на труд. Усвојувањето на технологијата на компаниите ќе ги трансформира задачите, работните места и вештините до 2025 година. Околу 43 проценти од анкетираните бизниси укажуваат оти се подготвени да ја намалат својата работна сила поради интеграција на технологијата, 41 процент планираат да ја прошират нивната употреба на изведувачи за специјализирана работа, а 34 проценти планираат да ја прошират својата работна сила како резултат на интеграција на технологијата. По пет години работодавците ќе ја поделат работата меѓу луѓето и машините приближно еднакво - се наведува во извештајот што го изработи Садиа Захиди за ММФ.

Роботизацијата ќе отвори нови работни места

Се очекува роботската револуција да создаде 97 милиони нови работни места и да се појават нови професии од областа на вештачката интелигенција, но и во нови дејности за управување со социјални медиуми. Се смета дека ќе се зголеми потребата од работници во зелената економија, нови улоги во инженерството, компјутерските програми и развојот на компјутерски производи.



- Во 2025 година аналитичкото размислување, креативноста и флексибилноста ќе бидат меѓу најбараните вештини. Работодавците сметаат дека критичкото размислување, анализата и решавањето на проблемите ќе растат. Нова појава се вештини за самоуправување, како што се активно учење, еластичност, толеранција на стрес и флексибилност. Најконкурентните бизниси ќе се фокусираат на надградување на нивните работнички вештини. За работниците да останат во своите улоги во следните пет години, речиси на половината ќе им треба преквалификација на нивните основни вештини. Истражувањето, исто така, откри дека јавниот сектор треба да обезбеди посилна поддршка за преквалификации на ризични или раселени работници - се наведува во извештајот.

Од друга страна, нивните анализи посочуваат дека работата од далечина ќе се применува и во иднина, со акцент дека дури 84 проценти од работодавците се подготвени брзо да ги дигитализираат работните процеси, и притоа се планира значително проширување на работењето од далечина. Но, се посочува дека 78 проценти од деловните лидери очекуваат одредено негативно влијание врз продуктивноста на работниците, а многу бизниси преземаат чекори за да им помогнат на своите вработени да се приспособат.

Македонската економија ќе мора да ги следи промените за да остане конкурентна

Домашните економисти посочуваат дека процесот на роботизација во Македонија веќе е започнат и оти е неминовен процес. Сепак, укажуваат дека можеби пандемијата ќе биде показател оти работењето од дома треба да се одложи сè до создавање соодветни услови, со акцент дека во вакви услови се губи голем процент од продуктивноста на работниците.

- Ако македонските компании не ги следат трендовите и иновациите, или воопшто технологиите, преминот кон роботизацијата, тогаш ќе им биде многу тешко да бидат конкурентни. Кај нас сè е комплексно бидејќи сме млада слободно пазарна економија, која од неодамна почна да навлегува во глобалниот пазар. Бројките покажуваат дека секоја година растат увозот и извозот, што се должи на фактот дека одреден број од компаниите навлегуваат на меѓународните пазари, што значи дека некои компании ја подобриле продуктивноста. Но, во одреден сегмент се забележува дека со технологијата се каска, па за подобар настап на домашниот и на странските пазари, потребна е поддршка за компаниите, која може да дојде во различни форми. Државата може преку проекти, како оние на Фондот за иновации и технолошки развој, да ја подигне иновативноста и да придонесе кон осовременување на технологијата, со што ќе се зголеми конкурентноста на македонските компании - вели Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.



Тој воедно објаснува дека напредокот и примената на нови технологии во компаниите зависат од самите сопственици или менаџери на компаниите, но потенцира дека за модернизација ќе биде потребна помош за набавка на нова технологија.

Роботизацијата е неминовна, работењето од дома сè уште со недостатоци

Од друга страна, бизнисменот Горан Рафајловски посочува дека роботизацијата е веќе започната и е процес кој неминовно ќе се случува, но додава дека пандемијата би можела да забави одредени промени.

- Роботизацијата беше започната и претходно, а дали пандемијата ќе ја забрза или ќе врати некои процеси назад, ќе видиме. Факт е дека роботизацијата е сериозно започната. Не може да функционира еден производствен процес ако нема машини кои работат на роботска основа. Но, работењето од дома е многу посериозен проблем отколку што изгледа. Поставување работни задачи и обезбедување работен процес на секој што работи од дома не е така едноставно. Мора да сте поврзани под еден систем, еден сервер, не станува збор само за пристап до интернет и следење е-пошта, туку потребно е обезбедување на услови за чување документи, потоа сите вработени да бидат во исто време приклучени, дали ќе се гледаат сите што работат од дома на видеоврска, комуникација меѓу вработените мора да има, да се одржуваат состаноци. Сметам дека светот е далеку од сериозен почеток на работењето од дома бидејќи за такво нешто е потребен целосно нов систем на работа - објаснува Рафајловски.

Посочува дека со роботизацијата се очекува отворање на нови работни места и тоа е процес кој се случува и ќе се случува. Додека за работењето од дома, смета дека исто така ќе се реализира, но според него, не во наредните неколку години.

- Порано беше незамисливо да се праќаат документи по електронска пошта, денес е незамисливо тоа да е по пошта. Тоа се процеси кои се случуваат и ќе се случуваат, технологијата напредува и промените се неизбежни. Исто така, и работењето од дома е прашање на време, но нема да се случува за неколку години. Друго прашање е дали е потребно до тој степен да се случи дистанцирањето и што ќе постигнеме со толку големо намалување на социјализацијата, кои се последиците од недостигот на социјализација. Овие текови не се така едноставни, напротив, многу се сложени, иако има професии кои можат да се работат од дома, не сите може да се префрлат од дома. Не може сите продавници да се префрлат на работење онлајн, едноставно ќе сакаме да прошетаме, да се видиме со некого. Друг проблем е потребата на децата да се социјализираат, да одат во училиште, да одат на вежбање - укажува Рафајловски.

Како добар познавач на состојбите, Рафајловски истакнува дека има одредени дејности кои може да се дороботизираат и да се работат од далечина, и дополни дека сè зависи од самата дејност, од процесот на работа. Како пример ја посочи обработка на земјиште со трактори или жнеење со комбајни, процес кој во иднина би можел и од канцеларија да се работи. Но, укажа дека во земјоделството сè уште не е осмислен процес со кој берењето јаболка барем делумно би се роботизирало.

- Од друга страна, и промените во животниот стил се случуваат, социјализацијата ќе се менува, но не со таа брзина, и според мене пандемијата покажа многу слабости на работата од дома. Ефикасноста на работењето од дома на вработените во мојата компанија се сведе на 40-50 проценти. Иако сметам дека сме далеку од работење од дома, тоа е процес кој ќе се случи, веројатно за една или две генерации, односно 20 или 40 години. Според мене, пандемијата ги покажа слабостите на работењето од дома и напротив, луѓето уште повеќе ќе се држат до одење на работа. Може да отвори процеси каде што човештвото и понатаму ќе сака да си ја задржи социјализацијата. Може ќе се намали работно време, времето за состаноци, но нема да се изгубат уште подолг период - истакнува Рафајловски и додава дека социјалните мрежи имаат силен импулс врз промените бидејќи со нивниот напредок сè поголем број граѓани се ориентираат на „живот на интернет“.

Фото: Фрипик
Подготвил: Петранка Огнаноска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема