X
 20.07.2017 Култура

Дали можете да го решите тестот за швајцарско државјанство?


Живописен пејзаж од Швајцарија
(Фото: Thinkstock)

Дали странците би требало да знаат како се рециклира отпад на база на масло, доколку сакаат швајцарска виза? Дали луѓето што купуваат во продавниците имаат поголемо право на државјанство од оние што купуваат во супермаркетите? И каков вид спорт е „Hornussing“?

Токму ова се дел од прашањата што Фунда Јилмаз требало да ги одговори во тестот што го полагала за стекнување швајцарско државјанство.

Фунда, која се занимава со цртање и живее во градот Арау, е родена во Швајцарија, а нејзините родители се по потекло од Турција.

Барањето за државјанство го предала кога нејзиниот свршеник ѝ предложил да биде малку поактивна по прашањето за референдумот.

„Родена сум тука. Не знам за поинаков живот. И не планирам да емигрирам“, ѝ рекла на комисијата од шест члена на интервјуто што следувало по писмениот тест.

Сепак, после два круга интервјуа и повеќе од 100 одговорени прашања, на Јилмаз ѝ било одбиено барањето за државјанство со образложение дека живее во својот „мал свет и не покажува доволно интерес за стапување во дијалог со Швајцарија и нејзиното население“.

Младата девојка добила критики затоа што немала доволно знаење за системот за рециклирање во земјата и затоа што не умеела да наведе ниеден друг синџир на супермаркети освен „Алди“.

Била критикувана и затоа што не била запознаена со „типичните швајцарски спортови“, како што се „hornussen“ (мешавина од голф и бејзбол) и „schwingen“ (вид народно борење). Наместо тоа, Јилмаз како типичен швајцарски спорт го навела скијањето.

„Би можело со часови да се дискутира за разликите помеѓу типичното и традиционалното“, напишала во жалбата.

Јилмаз во интервјуто одговорила дека смета дека турскиот претседател Ердоган станува сѐ поголем диктатор и дека нејзиното семејство широкоградо го прифатило нејзиниот партнер, кој не е муслиман. Таа исто така истакнала дека нејзините родители не се верници и дека никогаш во животот не посетила џамија, но дека неколкупати била во црква.

Уште некои од прашањата биле „Дали сакате пешачење?“, „Дали повеќе би сакале да го посетите градот Женева или областа околу истоименото езеро?“ и „Со кои видови фитнес-активности се занимавате?“

Случајот на Јилмаз привлекол големо внимание во локалните медиуми, откако следувало барање за реформа на системот.

Швајцарците во февруари изгласале воведување олеснувања во врска со издавањето државјанство на личности што им припаѓаат на трета генерација имигранти, и покрај противењето на локалните десничари. Сепак, државјанството и понатаму најлесно го добиваат луѓе што биле во брак со Швајцарец/ка повеќе од шест години, вклучувајќи ги и оние што никогаш не живееле во таа земја.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура