X
 24.08.2018 Култура

Би-би-си пишува за потомците на Александар Македонски

Долината Парвати во Индија е добро позната меѓу патниците по психоделичните забави и хашишот што потекнува од античкото село Малана во регионот на Хамичал Прадеш, Северна Индија. Но ако погледнете подалеку од маглата, ќе пронајдете богатство од легенди, интриги и неодговорени прашања.

Вгнездено во врвовите на Хималаите, Малана е опкружено со стрмни гребени и снежни планини. Патниците веќе долго време беа привлечени од ова село со речиси 1.700 жители, кои го консумираат она што локалното население го смета за света билка и што жителите го сметаат за начин на ослободување на умот: познатиот и наградуван крем малана. Смолата од канабисот или хашишот е позната и по техниката со триење на рацете и поради извонредните ефекти на опојување.

потомци
Фото: Sauriêl Creative | Samantha Leigh Scholl/Alamy


Легендата за селото вели дека војниците на Александар Македонски се засолниле во ова изолирано село во 326 година пред новата ера откако биле ранети во битка против Пор, владетел во индискиот регион Пенџаб. Се смета дека овие војници се предци на народот Малани. Артефакти од тој период се пронајдени во селото, како што е меч, кој се наоѓа во храмот. Сепак, генските врски со војниците не биле проучувани или воспоставени. Всушност, голем дел од жителите не знаат од каде потекнува оваа легенда.

- Легендата дека народот на Малани потекнува од армијата на Александар Македонски стана широко прифатена вистина, но не постои вистинска потврда за тоа. Постојат неколку оружја и други работи што одат во полза на овие врски, но сигурен сум дека нема докази што ќе ја поткрепат приказната - вели Амлант Дата, режисер кој поминал една деценија работејќи во Малана.

Очигледно е дека овие теории се поттикнати од значително различните физички карактеристики на локалното население и нивниот јазик, кој е различен од јазикот на кое било друго локално племе, придонесувајќи за енигмата околу Малани и нивниот идентитет. Тие го зборуваат јазикот канаши, кој се смета за свет и не ги учат странците. Јазикот не се зборува на ниту едно друго место во светот.

2
Фото: Sauriêl Creative | Samantha Leigh Scholl/Alamy

Моментално јазикот канаши се изучува на Универзитетот во Упсала, Шведска, предводен од професорот по лингвистика Ану Саксена.

- Канаши се квалификува како загрозен, непишан јазик. Припаѓа на сино-тибетското јазично семејство. Во сите околни села се зборуваат индоарјански јазици, кои воопшто не се поврзани со канаши. Ова покренува интересни прашања во врска со неговата предисторија и јазичната структура - вели професорот Саксена.

Дури и патувањето до Малана е патување во непознатото. Нема моторизирани патишта, а потребни се околу четири часа одење од селото Јари до долината Парвати. Народот се разликува по нивната светлокафеава коса, светлокафеави очи, долг нос и златнокафеав тен на кожата. Повеќето од нив носат традиционална светлокафеава облека, капи и чевли од коноп.

3
Фото: Sauriêl Creative | Samantha Leigh Scholl/Alamy

Иако канабисот одамна е столбот на економијата на ова мало село, тој доведе до многубројни социо-културни проблеми, како што е вклученоста на малите деца во трговијата со дрога.

Се смета дека уникатниот демократски систем на Малана е меѓу најстарите во светот, сличен на античкиот грчки систем на демократија - се состои од горен и долен дом. Сепак, има уникатен духовен пресврт: крајните пресуди му припаѓаат на горниот суд, кој вклучува три важни фигури, а еден е претставник на локалното божество, Јамлу Девта.

Иако може да се видат помладите генерации како се гушкаат и ракуваат, повеќето луѓе се држат за табуто на допирање на аутсајдери и поретко разговараат со луѓето - токму и затоа се смета дека ова е чудна, ладна земја на енигматични луѓе.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура