Работата на Алберт Ајнштајн се смета за една од највлијателните во областа на науката. Тој е познат по неговата формула E=mc2 од 1905 година, општата теорија на релативноста од 1915 година, Нобеловата награда за физика во 1921 година и откривањето на фотоелектричниот ефект. Меѓутоа, кога станува збор за неговиот приватен живот и потомците, не се знае многу.
Познатиот научник во текот на животот се оженил двапати, првиот пат со Милева Мариќ во 1903 година, со која имал три биолошки деца, и вториот пат со неговата братучетка Елса, во 1919 година, со која немал деца. Неговите блиски пријатели тврделе дека тој имал исклучително топол однос со нејзините ќерки од првиот брак, Марго и Илса.
Три биолошки деца со Милева Мариќ
Родена на 19 декември 1875 година во Австро-Унгарија, Милева Мариќ потекнувала од богато семејство. Во нејзините помлади денови приоритет ѝ било образованието, така што се запишала на Швајцарскиот федерален институт за технологија во Цирих каде што го запознала Алберт во 1896 година. Тие двајца се спријателиле и тоа пријателство во еден момент прераснало во љубов.
Милева и Алберт со првиот син/Фото: Public Domain
Интересно е што пошироката јавност не знаела ништо за неа сè до 1986 година.
Милева забременила со нивното прво дете во 1901 година. Сè што денес се знае за неа потекнува од писмата кои Милева и Ајнштајн си ги размениле, а откриваат дека девојчето било родено во Ујвидек, денешен Нови Сад. Оттаму се знае и дека многу брзо се разболела од шарлах, што оставило последици врз нејзиното здравје. Денес не се знае со сигурност дали таа починала како последица на болеста или била дадена на посвојување.
Само една година по последното споменување на ќерката, поточно во 1904 година, се родил Ханс Алберт Ајнштајн. Решил да тргне по стапките на своите родители и да се запише на училиште во Цирих. Во својата кариера напредувал до титулата редовен професор по хидраулично инженерство на Калифорнискиот институт во Беркли.
Од првиот брак со Фрида Кнехт имал три биолошки деца и едно посвоено дете. Клаус и Дејвид умреле како деца, додека посвоената ќерка Евелин била магистранд на Беркли. Бернард Цезар, физичар и инженер, зад себе оставил пет деца, кои сè уште се живи и успешни на своите работни места.
Милева со синовите Ханс Алберт и Едвард/Фото: Hebrew University of Jerusalem
Во 1910 година се родило третото дете на Алберт и Милева,
Едвард Ајнштајн. Набргу по неговото раѓање, неговите родители се разделиле, а по неколку години и официјално се развеле. Детството го поминал со мајка си, па не е чудно што имал многу заладени односи со својот татко и во едно од писмата му напишал дека го мрази.
Ова било поврзано и со неговиот нервен слом предизвикан од шизофренија, која му била дијагностицирана на 21-годишна возраст. Пред тоа сакал да биде психијатар и затоа се запишал на медицина. Но, бидејќи по само две години подоцна бил хоспитализиран, морал да заборави на својот сон. Неговата мајка се грижела за него до нејзината смрт во 1948 година. Потоа поголемиот дел од своето време го поминувал во психијатриска клиника во Цирих, каде што и починал.
Извор:
National Geographic
Фото:
Wikipedia