X
 13.09.2016 Образование

Ранко Рајовиќ: „Зошто денешните деца имаат проблеми со концентрацијата?"

Зошто денешните деца имаат проблеми со концентрацијата, каде најмногу грешат наставниците во работата со децата, дали можат да се поправат грешките, зошто децата денес се се' послаби, во интервју за Зелена учионица зборува Д-р Ранко Рајовиќ, автор на „NTC“ системот за учење, член на Менса и Комитетот за надарени деца.

Знаеме дека најчестите грешки на родителите воглавно се поврзани со ограничувањата на децата и нивните природни потреби да се развиваат и да истражуваат. Ова, се разбира дека се несвесни грешки и за тоа многу пати сте зборувале. Каде најмногу грешат воспитувачите и наставниците?

Родителите се првите и најважните наставници и тие влијаат речиси на сите аспекти на развојот на детето. Многу зборувам за грешките кои несвесно ги прават, но би додал уште нешто. Не е потребно децата да се трупаат со играчки, бидејќи од многу играчки тие немаат корист. Детето сосема убаво си игра и кога има помалку играчи, па со неговата имагинација додава елементи со кои ќе ја разубави играта. Важно е родителите да ги препознаат интересите на детето, такашто во текот на активностите да се активираат мисловните процеси, новите идеи, а така се развива и креативноста. На пример, ако детето сака диносауруси, родителите нека му купат 3D диносауруси, сложувалка со диносауруси. Тие можат да му купат и атлас на светот па детето ќе ги научи државите во светот бидејќи го интересира на која територија живееле тие, а потоа може да погледнат и некој филм за нив, да купат мали фигури диносауруси со кои можат да играат. Сите овие активности придонесуваат за развојот на креативноста. Кога детето ќе тргне на училиште, овој истражувачки дух, имагинација и креативност мора да се поттикнува и понатаму.

Прво наставниците мораат да знаат дека ликовно, физичко и музичко се доста важни во периодот на интензивен развој на мозокот, а тоа е до 12-та година.

Не е сосема точно дека музичко и ликовно ја активираат само десната, а математика, граматика и логика левата страна на мозокот. Мозокот е еден орган и не може толку лесно да се дели на две различни половини. Секоја си има своја функција, но тие работат заедно и синхронизирано. Најголемата област на мозокот зазема асоцијативниот регион и по распространетоста се гледа колку тој е важен. Од моите истражувања јасно е дека за вкупниот развој на биолошкиот потенцијал мораме да ги активираме сите региони заедно и во периодот на развој на мозокот не можеме да ја делиме активноста на лева и десна половина.

И физичко е важен предмет, бидејќи на детето му е потребно повеќе движење. Во истражувањата спроведени во Америка и Канада, во период од 2008 до 2010 година, докажано е дека доколку нема доволно аеробни активности, се намалуваат длабоките структури на големиот мозок, и тоа може да ги намали когнитивните способности на детето.

Друга работа која е важна за наставниците е тоа што репродуктивното учење е најнискиот начин на учење - мораме да користиме други, поефикасни методи и така да им помогнеме на децата полесно да го совладаат материјалот во училиштето и да научат да размислуваат и да ги поврзуваат информациите.

Исто така споменавте дека најголемиот проблем на образовниот систем е што се фокусира на репродуктивното учење. Дали можете да го објасните ова?


Ако ја гледаме физиологијата на мозокот, тогаш репродуктивното учење е најниското ниво на учење. Тоа е толку ниско ниво што често велатм дека репродуктивното учење за мозокот скоро и да не постои. Така, ученикот кој ја учи лекцијата мора да ја повтори по 10 до 20 пати и тој повторно ја заборава. Но ако го користиме знаењето од физиологијата, јасно е дека мораме да направиме напредок и да користиме методи кои мозокот полесно ќе ги прифати, меморира и научи. Сооваа метода се занимава „NTC“ системот на учење преку кој се користат разни игри кои учениците ги сакаат и од нив учат. Тогаш сфаќаат дека учењето може да биде и игра, а тогаш кога ќе започнат секојдневно да го прават ова, тие прифаќаат бидејќи за брзо време ги гледаат резултатите. Добиваат самодоверба, немаат страв од училиштето, оценките се подобри, повеќе учат и подолго помнат и што е најважно - со оваа метода тие постојано мислат.

Целта на „NTC“ методата е да го развива мислењето, што за жал не е толку изразено кај учењето напамет. Ова е една од најважните причини за успех на програмата и токму затоа доби награда од Менса во 2015 година, за придонес во развојот на општеството во целина.

Дали би прифатиле да бидете ангажирани во Министерството за образование и што прво би направиле кога станува збор за реформи во образованието?

Не сум политичар, па не знам како би се снашол, но мислам дека одговорните личности во Министерстово мораат да побараат нови решенија, да ги ангажираат најдобрите експерти и да помогнат да го промениме она што се покажува како неефикасно. Доколку ме повикаат, јас со задоволство ќе им помогнам, бидејќ веќе соработувам со неколку држави кога станува збор за образованието. Ова мора сериозно да го сфатиме, бидејќи времето поминува толку брзо, а тоа се гледа со епохалните откритија. Некогаш тоа биле големи откритија, еднаш на 100 години, а денес ги имаме на секои 2-3 години. Јасно е дека промените во светот брзо ќе се случуваат и тоа во сите области. Ако државата некогаш била создадена и исчезнала за 500 години, сега тоа ќе бидат 40 години. Прашањето е - што ќе се случи содржавите кои имаат 20-30 генерации функционално неписмени ученици? Нема повеќе време да ја чекаме новата реформа за 5 или 10 години, да чекаме Финска или Германија да пронајдат решение, па да ги копираме. Гледаме дека и тие имаат проблем, дека лутаат, не знаат што е најдобро и не знаат како да им помогнат на учениците. Финска беше пример за сите држави во Европа, го напушти полека својот систем и бара друго решение. Ние мораме уште денес да започнеме со реформите и да бараме свој модел на образование кој ќе биде направен врз основа на нашиот јазик, култура, традиција, начин на живот и така да им помогнеме на наставниците и учениците.

Дали можете да направите паралела помеѓу начинот на кој вашата генерација воспитува деца и начинот на кој денес родителите ги воспитуваат своите деца? Дали работите се променија на подобро или полошо?

Мислам дека генерално имаме ситуација во која децата се послаби. Се разбира некое дете се истакнува со своите способности, но мислењето на наставникот е тоа дека децата денес се се' послаби во однос на децата пред 10  години во неколку области: моторни, математичко логички, речник и општо знаење. Влијание секако имаат и родителите, а најголемиот проблем е во презаситувањето и тоа што родителите ги извршуваат сите задачи наместо своите деца. Друг проблем е недостатокот на движење и сложени моторни активности. Пред 30 години децата од утро до мрак беа во движење, а одеа на спиење околу 20 часот. Денес децата помалку се движат, не се надвор, гледаат в, играат видео-игри и слично. Не сум против компјутерот, но мораме да знаеме да му одредиме граница на детето.

Познато е дека проблемот на денешните деца е поврзан со потешкотиите со концентрација. Што можеме да направиме за да го спречиме тоа, и што да направиме доколку проблемот се појави?

Тука не е проблем само концентрацијата, ова е комплексно прашања. Развојните пречки се во пораст, се' повеќе деца се со пречки во говорот или имаат пречки при пишување и читање, не можат да сметаат, немаат концентрација, не можат да ја запомнат лекцијата. Тешко е да се даде одговор на ова, иако често слушам дека проблемот е генетиката. Сепак, мислам дека не е само тоа, и дека големо влијание има промената на опкружувањето. Ние сме резултат на прилагодувањето и илјада и милион години луѓето се развивале во интеракција со околината. И тоа се случувало полека. Денес опкружувањето се менува брзо, а знаеме дека тоа влијае врз развојот на когнитивните способности. Сигурно дека може да влијае и позитивно, меѓутоа и негативно. Мислам дека грешките во врска со концентрацијата најмногу родителите ги прават во периодот на развој на детето. Презаситувањето е проблем. Детето не ги развива своите биолошки способности поради родителите кои се исплашени да не падне, да не се повреди, да не скрши нога, рака... Нормално е детето да падне, такашто улогата на родителите е да обезбедат опкружување каде можноста за повреди ќе се сведи на минимум, а не да го спречуваат детето - на пример ако скока нека скока во плитка вода, на песок, на трева, но не и на кревет. Но ако скока и на кревет, тогаш околу креветот не треба да има чаши, шишиња и слично.

Движењето е важно и секогаш е полесно да имате вакви активности во природа, во парк, во шума, отколку во стан. Затоа мојот совет до родителите е да ги водат децата на планинарење, на прошетка, на игралиште. Тогаш сите региони на церебралниот кортекс ќе се поврзат, што ќе помогне подоцна кога ќе одат на училиште, како и во процесот на учење, па нема да имаат толку проблеми со учењето и концентрацијата.

До кој степен наставниците можат да влијаат врз децата и да ги поправат грешките кои ги направиле родителите?


Тешко е да се поправат грешките на родителите, па доста важно е да работиме на едукацијата. Сите мораме да се занимаваме со овој проблем бидејќи единствено така можеме да му помогнеме на детето да ги достигне своите биолошки потреби.

Заедно со Урош Петровиќ го создадовте „NTC“ системот за учење. Дали можете да ги споредите овој и традиционалниот систем? Што конкретно децата добиваат со овој начин на учење?

Децата мислат дека играат, а тоа е голем мотив за нив. Играјќи тие учат се' што ние сакаме да им пренесеме. Тие размислуваат, поврзуваат, добиваат нови идеи и ја развиваат креативноста.

„NTC“ методата е акредитирана и сега тоа е стручен семинар и за учителите и воспитувачите во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Чешка и Србија, а работиме со образовни институции за имплементација на програмата во уште 10 држави од Европа (Норвешка, Шведска, Италија, Бугарија, Грција, Унгарија, Словачка, Швајцарија, Романија и започнуваме со реализација во Германија).

Организирате семинари за родителите и наставниците. Што можете да кажете нешто повеќе за тоа?


Семинарите се еднодневни (4 х 45 минути) за родителите да научат основни работи за развојот на децата, за грешките кои можат да го забават или оштетат развојот на детето како и да го поправат. За жал семинарите се одржуваат ретко поради бројните обврски.

Ако начинот на воспитување и образование не се променат, какво општество можеме да очекуваме во иднина и која би била вашата порака до наставниците и родителите кога станува збор за нивната соработка на иста задача - насочување на нашите деца по вистинскиот пат?

Мораме да започнеме со реформа, колку што е можно побрзо. Веќе реков дека времето брзо поминува и сериозните држави веќе бараат решение, брзо ја менуваат стратегијата и начинот на работа со децата. Луксуз е да чекаме 5 или повеќе години или уште полошо - да чекаме некоја држава да пронајде подобар модел, па да го копираме. Малите реформи нема да помогнат, тие мораат да бидат сеопфатни. Мора да се вклучат родителите, воспитувачите, учителите и наставниците.

Развојот на функционално знаење и креативноста е приоритет на секоја држава. Креативноста е создавање на нешто ново и корисно. За тоа се потребни идеи, размислувања и поврзувања на информациите. Така развојот на креативноста би можел да биде еден од приоритетите на образованието за 21-от век.

Идеите денес се најскапи, тие речиси и не постојат. Ако сакаме да одиме напред како општество, мораме да ја развиваме креативноста и да го зголемиме употребливото, функционално знаење на децата. А тестовите покажуваат дека нашите деца се под просекот во однос на нивните врсници во Европа, додека европските деца се послаби во однос на Источна Азија. Затоа, функционалното знаење е еден од приоритетите на Европската унија, па за нас кои сме послаби од нив по тоа прашање, функционалното знаење мора да биде приоритет на квадрат. За да го поправиме тоа мора да ги едуцираме родителите кои понекогаш и покрај најдобрите намери го забавуваат или оштетуваат развојот на децата, а потоа воспитувачите и учителите. Ако не соработуваме сите, тешко дека ќе направиме големи промени.

Извор: Зелена учионица
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование