X
 27.01.2019 Живот

Австрија ги дискриминира децата на странските работници

Европската комисија покрена постапка против Австрија поради намалување на детскиот додаток за странските работници чии деца живеат во посиромашните земји-членки. Од први јануари фамилијарните надоместоци и даночни олеснувања што Австрија ќе им ги исплаќа на децата што имаат живеалиште во друга земја-членка ќе зависи од трошоците за живот во таа држава.

Тоа значи дека голем број граѓани на ЕУ што работат во Австрија и плаќаат исти износи за придонеси и даноци, како и локалните работници, ќе добиваат помал надоместок само поради тоа што децата им живеат во друга држава.

Комисијата ѝ испрати на Австрија официјална опомена, како прв чекор против земјата поради кршење на европското право. Ако Австрија не го коригира својот закон, Комисијата може да го испрати случајот до Судот на ЕУ, чии пресуди се задолжителни и стануваат дел од европското законодавство.

- Во ЕУ не постојат работници од втора класа. Ако мобилните работници плаќаат еднакви придонеси како локалните работници, би требало да примаат и еднакви надоместоци и во случај децата да им живеат во друга членка. Во ЕУ не постојат деца од втора класа - истакна комесарката за вработување и социјални прашања, Мариан Тисен.

Австрија сега има два месеца за одговор на опомената од Комисијата. Во спротивно, Комисијата може да започне со вториот чекор во постапката, испраќањето на образложеното мислење, а ако и тоа не даде резултат, случајот ќе заврши пред Судот на ЕУ.

Австриската влада го предложи спорниот закон со образложение дека со тоа сака да ја спречи злоупотребата на системот за социјална помош.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот