Седумдесет и двегодишната Турчинка Севим Тара може да биде инспирација за многумина со својата решителност и желба за едукација.
Тара, која има три деца и пет внуци, и покрај тоа што има 72 години, реши да научи да чита и пишува.
Оваа Турчинка, која сака да им биде пример на другите дека никогаш не е доцна за учење, сака да заврши средно, па дури и факултет. Таа вели дека како мала не можела да оди на училиште бидејќи нејзиното семејство немало финансиски средства, па со години се соочувала со тешкотии при читањето и пишувањето.
- Да знаев да читам и да пишувам, ќе читав книги, ќе можев да читам весници, но кога си неписмен, ништо од тоа не можеш - вели Тара.
Таа вели дека е тажна што не можела да оди на училиште, додавајќи дека неодамна го посетила Центарот за јавно образование и се запишала на курс каде што научила да чита и пишува. Во процесот на описменување многу ѝ помогнала нејзината учителка Ајсун Челмез, со која научила да чита и пишува за три месеци.
Тара истакнува дека сака да го продолжи своето образование во наредниот период.
- Сакам прво да завршам средно училиште, а потоа факултет. Сакам да учам на универзитет. Понекогаш читам книги дома со внука ми, која оди во основно училиште, и таа ми аплаудира секојпат кога ќе прочитам нешто, што особено ме радува. Откако научив да читам и пишувам, се чувствувам помлада и посреќна. Без разлика на вашата возраст, никогаш не е доцна за образование и наука - вели оваа упорна Турчинка.
Директорот на Центарот за јавно образование во Едрене, Илхан Динч, истакна дека околу 1.000 ученици научиле да читаат и пишуваат досега.
Тој додаде дека сакаат да им помогнат на сите што се неписмени и сакаат да научат нови вештини.
- Им помагаме на сите, од 7 до 70 години. Тара Севим е една од нашите најрешителни и највредни ученици. Таа може да им биде пример на другите дека никогаш не е доцна за образование. Нејзината мисија сега е да биде пример за нејзините внуци и општеството - рече Динч.
Извор:
6yka.com
Фото: Screenshot/YouTube