X
 02.10.2017 Живот

Што после Каталонија? Кои се следни региони кои ќе бараат независност?

1

Државни сили против одржувањето на референдумот за независност на Каталонија: стражи пред гласачките места, одземање на ливчината за гласање - тоа ретко кога завршува добро. Но, Каталонија не е единствениот регион во Европа кој сака да прогласи независност.

На истокот од Европа со распаѓањето на Југославија и Советскиот Сојуз, се создадоа низа нови држави, но се чинеше дека на запад нема што да се менува, пишува „Дојче веле“.

Но тоа е само привид  затоа што во многу национални држави, какви што постојат со векови, постојат региони кои постојано бараат комплетна независност.

Каталонија

Унитарноста на Шпанија во голем дел беше забетонирана за време на фашистичката диктатура на Франко. Тогаш не се дозволуваше никаква локална независност, а беа забранети и употребите на локалните јазици или дијалекти. При демократизацијата на Шпанија и Каталонија доби висок степен на политичка и културна автономија, па сè до покраински парламент. Но, за 7,5 милиони Каталонци, и тоа не беше доволно. Многумина сакаат сопствена држава, пред сè од економски причини. Каталонија навистина е богат регион: таму се создаваат 20% од шпанскиот БДП, но многу Каталонци имаат чувство дека централната власт ги „цеди“ а нивните средства ги пренасочува кон други региони.  

Полицијата и војската беа испратени да ги заземат училиштата и местата каде што граѓаните требаше да гласаат. Некои места беа заземени од граѓаните кои сакаа да го дадат својот глас за независна Каталонија.

2
Фото: Reuters

Баскија

Тежнеењето за независност на Каталонците во добар дел е предизвикано од економската помош што Мадрид им ја испраќа токму на оваа покраина , како и на матичната покраина Навара со главниот град Памплона. Всушност, овој регион отсекогаш бил еден од најсиромашните во Шпанија, но таму долго трае и опстојува движењето за независност. Басискиот јазик и негувањето на нивната култура во време на Франко биле најстрого забранети, но тамошната национална опозиција беше многу поборбена. Баскиската илегална организација ЕТА во последните пеесеттина години е одговорна за смртта на повеќе од 800 лица и дури во 2011 година ЕТА  јавно се откажа од насилството.

Цената која ја плати Мадрид беше висок степен на автономија за таа покраина, но исто така и соодветна финансиска поддршка од централниот буџет. Данокот што се собира на таа територија речиси во целост останува таму.

Најпрво преку терористички активности, а подоцна и преку политичка борба, Баскија никогаш не се откажа од борбата за целосна независност. Во декември 2014 година, во Баскија беше одржан референдум кој беше прогласен за „симболичен акт“, затоа што според шпанскиот устав, референдум може да распише само владата во Мадрид, а очигледно е дека тие немаат намера да го направат тоа ниту во Каталонија, ниту во Баскија.

3
Фото: DW

Шкотска

Можеби никаде на друго место во Западна Европа не изгледаше поверојатно дека ќе мора да се штампаат нови географски карти, како во случајот со Шкотска. Начинот на кој Кралството Шкотска потпадна под англиска круна пред околу триста години, воопшто не треба да се смета за славно историско поглавје на Островот. На референдумот во 2014 година, на кој се согласи и официјален Лондон, силите кои оддамна тежнееа за независност сепак доживеаја тесен пораз.

Брегзитот повторно го поттикна истото прашање: претседателката на шкотската влада, Никола Старџен, најавува дека на есен во 2018 година, пак би можело да се одржи референдум затоа што мнозинството Шкоти се изјасниле за останување во ЕУ. Дополнително, Шкотска сака да види и како ќе течат преговорите за излегувањето на Велика Британија од Европската унија, но моменталните испитувања говорат дека новиот референдум за независност би имал сличен исход како и претходниот.

Фландрија


На последните парламентарни избори во Белгија во 2014 година, Новиот фламански сојуз под водство на Барт де Вевер стана најсилна политичка сила во таа покраина. Тој е уверен дека Белгија ќе „исчезне“ како држава и дека на Фландријците ќе им биде подобро без Валонците. Во секој случај, тие сакаат да постигнат независност преку преговори, иако е тешко да се каже тоа, затоа што не се знае што би останало потоа од тоа европско кралство.

Белгија ионака е составена од три региони: Фландрија, каде воглавно се зборува холански јазик, франкофонската Валонија која опфаќа и мал дел каде се зборува германски и подрачјето на Брисел каде и двата јазици се службени. Според Уставот, сите три региони мора да се согласат кога Белгија потпишува некаков меѓународен договор - проблемот што го видовме при спогодбата ЦЕТА, меѓу Европската унија и Канада, кога се спротивстави Валонија. Во случај да се распадне ова кралство, најголем проблем би настанал околу Брисел кој е седиште на  цела низа европски институции, но и на НАТО. Во таа земја можат да се чујат и расправии за иднината на државата но и за евентуално приклучување на Валонија кон Франција  или сојуз со Луксембург. Сепак барем до сега, успеваат да најдат заеднички јазик за заедничкиот пат.

Паданија

И додека овие тежнеења за независност имаат историска или барем културна национална основа, тежнеењето за независност на север од Италија никогаш не постоело во таков облик и пред сè има економски причини. Покраините Ломбардија, Аоста, Пиемонт, Лигурија, Венето и Емилија-Ромања, со развиена индустрија и банки се основата на екомомијата на цела Италија. Уште од времето на обединувањето на Италија, парите се слеваат од север кон југ, и нема изгледи дека на југот некогаш ќе му престанат таквите потреби. Во девеесеттите години од минатиот век, Северната лига бараше целосно отцепување на Паданија – збор-изведенка од Пианура Пандана, долината на реката По. Во последно време  таа партија е поумерена и бара Северот сам да одлучува за средствата што ги создава, како и да трансферира помалку средства кон Рим.

Јужен Тирол


Ова подрачје кое е лоцирано на југ од Алпите, каде донеодамна се зборуваше германски јазик, долго време е една од „најжешките“ граници во Европа. Некогашната територија, дел од Австро-Унгарија, со „пријателски“ договор меѓу Хитлер и Мусолини сепак му припадна на Италија, а поголемиот дел од населението не е задоволно што станаа „Италијани“. По Втората светска војна, тој регион сепак добил голема политичка и јазична автономија, а поголемиот дел од приходите што се создаваат таму, оваа имотна покраина смее да ги задржи за себе. Но, најновата должничка криза сепак и таму разгоре расправа за отцепување од остатокот на презадолжената Италија, па затоа главното мото им стана „Што подалеку од Рим“.

4
Фото: DW

Корзика


Не е спорно дека овој остров дека има сопствена култура и јазик , иако француската држава долго време се обидуваше во целост да ги отстрани од тамошните училишта и здруженија. И Корзика имаше свои екстремистички движења, пред сè ФЛНЦ, која ги предводеше нападите врз претставниците и симболите на француската држава на тој остров. Во 2014 година, и ФЛНЦ објави дека ја запира борбата, но конфликтите не запреа со тоа, ниту пак се смирија духовите – и од двете страни.

Во 2000 година, социјалистичката влада на Лионел Жоспен, внимателно се обиде да предложи одредени мерки за автономија на Корзика, што беше доволно француската конзервативна опозиција да излезе на барикадите. Париз стравува дека примерот на Корзика би можел да ги поттикне и аспирациите за автономија и на Бретања и Алзас. А сето тоа е неспоиво со традиционалното унитаристичко поимање на Франција.

Баварија

Замислата за независна Баварија почесто е шега отколку сериозна политичка програма. Конечно, на Баварија, исто како и на другите федерални единици во Германија загарантиран им е висок степен на независност (внатрешна политика, образование, култура...) така што и службениот  назив на оваа покраина е Слободна држава Баварија.

Но, за волја на вистината, Баварија отсекогаш била посебен случај: оваа голема покраина со речиси 13 милиони жители, е една од најсилните економии во Германија, со население поголемо од Шведска.

Затоа, таму најголем проблем е распределбата на буџетот меѓу побогатите и посиромашните покраини, кога Баварија најчесто е таа што „дава“. Политичарот од ЦДУ, Вилфред Шарнагел, во 2012 година издаде книга со наслов „Баварија може и сама“ во која се залага за отцепување на Баварија од германската федерација, но таа идеја сепак не добива поддршка од населението.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот