X
 24.09.2018 Живот

На северот од Атлантикот се спрема монструозна ерупција

Научниците предупредуваат дека огромен вулкан на Исланд се спрема за толку голема ерупција што во споредба со неа експлозијата што пред осум години го наруши воздушниот сообраќај ќе изгледа мала.

Катла е многу опасен вулкан на Исланд и покажува знаци дека многу брзо ќе еруптира, предупредуваат научниците. Исландските и британските вулканолози забележале дека Катла, што на исландски значи чајник или котел, емитира јаглероден диоксид во голема мера, што значи дека коморите со магма се полнат многу брзо.

Според пишувањата на западните медиуми, експертите сметаат дека тоа би можело да биде показател дека наскоро ќе има ерупција која по јачината би можела да ја засени и ерупцијата на вулканот Ејафјатлајекул од 2010 година.

Истражување што неодамна беше објавено во списанието „Геофизикал рисрч летрс“ откри дека Катла секојдневно испушта меѓу 12 и 24 килотони јаглероден диоксид. Само два други вулкана во светот создаваат повеќе јаглероден диоксид во овој момент.

- Преку прецизни мерења во воздухот и моделирање на атмосферската дисперзија, покажуваме дека Катла, еден од опасните субглацијални вулкани, кој последен пат еруптирал пред сто години, сега е еден од најголемите вулкански извори на јаглероден диоксид на Земјата, испуштајќи до 5 отсто од вкупните глобални вулкански емисии - напишаа научниците.

Според Сара Барсоти, координаторка за вулканска опасност во исландската метеоролошка канцеларија, нема начин на кој научниците и метеоролозите би можеле прецизно да одредат кога ќе има ерупција. Тие само знаат дека сигурно ќе се случи.

Ерупција на Катла во 1918 година
Фото: Wikipedia

Евгенија Илинскаја, истражувач во Институтот за геофизика и тектоника на Универзитетот во Лидс, вели дека волуменот на јаглероден диоксид посочува на нешто значајно.

- Да се ослободи оваа количина на гас значи дека расте волуменот на магмата. Тоа е познато и од други вулкани, дека емисијата на јаглероден диоксид се зголемува со недели или дури и години пред ерупцијата. Тоа е јасен знак дека мораме постојано да ја следиме Катла. Овие откритија ни потврдуваат дека таму се случува нешто - истакна таа.

Илинскаја и нејзиниот тим, сепак, велат дека се потребни уште студии за да се потврди дали со текот на времето се зголемила и количината на магмата.

Од друга страна, вулканологот Магнус Туми Гудмундсон, професор по геофизика на Универзитетот на Исланд, е малку поскептичен кога станува збор за страв од ерупција. Тој смета дека се потребни повеќе истражувања за да се открие дали толкавата количина на емисии на јаглероден диоксид е растечка или нормална.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот