X
 10.05.2022 Живот

Хотел во Исланд нуди 10-дневен престој во замена за пејзажни фотографии

Хотелот „Ранга“, лоциран на јужниот брег на Исланд, бара фотограф кој е подготвен да ги даде своите пејзажни фотографии од регионот во замена за авионски билет и соба.

Минатата година хотелот „Ранга“ упати сличен повик до фотографите кога бараше фотографии од поларната светлина во замена за лет и соба.

На повикот се пријавија 4.829 апликанти од над 50 земји, а хотелот беше толку преплавен со позитивни повратни информации, што на крајот избра двајца фотографи наместо еден. Фотографиите од поларната светлина на Пејџ Дисли од Канада и Стефан Либерман од Германија беа избрани за најдобри.

Оваа година хотелот „Ранга“ сака да прикаже поинаков аспект на островот и наместо да се фокусира на поларната светлина, бара фотограф кој ќе го насочи објективот кон зелените висорамнини, безбројните водопади, плажите со црн песок и другите неверојатни природни убавини на островот.

Од фотографот се бара да дојде во текот на летото, а ќе може да го фотографира островот во кој било дел од денот благодарение на „полноќното сонце“.

„Полноќно сонце“ е природен феномен што се случува во летните месеци на локации северно од Арктичкиот Круг или јужно од него.

island
Фото: Freepik
Бидејќи Исланд се наоѓа блиску до Северниот Пол на Земјата, сонцето останува видливо дури и на полноќ и нема да зајде под хоризонтот во ниту една точка во период од 24 часа.

Во замена за фотографиите, кандидатот ќе добие бесплатна соба, лет до и од Исланд. Хотелот проценува дека патувањето чини 10.000 долари.

Апликантите мора да бидат подготвени да патуваат до средината на јуни или порано и 10 дена да се посветат на фотографирање висококвалитетни фотографии и видеа од полноќното сонце на Исланд.

Заинтересираните можат да се пријават на веб-страницата на хотелот ТУКА. Сите апликации мора да бидат примени до 15 мај.

Извор: Petapixel.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот