X
 24.10.2021 Живот

На покривот на градското собрание во Виена се произведуваат 180 кг мед

Австрискиот главен град, со многубројните паркови, ливади, градини, зелени површини и покриви, нуди голем број разновидни живеалишта.

Во текот на летните месеци во Виена живеат до 200 милиони пчели, а околу 5.000 кошници се распределени низ зелените површини во градот. Градот е активно посветен на заштитата на овие вредни опрашувачи и го поттикнува производството на пчелни производи. Затоа не е чудно што неколку кошници се наоѓаат и на покривот на градското собрание во самиот центар на градот.

Од 2014 година на покривот на градското собрание во Виена се поставени неколку кошници со пчели, а благодарение на нивните вредни станари, годишно се произведуваат околу 180 килограми мед. За пчелите се грижи градскиот пчелар Алфред Хауска, кој во саботата, на 16 октомври, му ги предаде годинашните тегли мед на градоначалникот на Виена, Мајкл Лудвиг.

1

- Градот Виена активно се залага за заштита на пчелите и за таа цел го поттикнува органското земјоделство. Освен тоа, во сите виенски паркови се оставаат диви ливади за градските пчели, се засадуваат медоносни грмушки и цвеќиња, а во последните години сѐ повеќе се зазеленуваат фасадите на зградите. Наша цел е да им обезбедиме на пчелите доволно храна низ Виена - објаснува градоначалникот Мајкл Лудвиг.

Виена успева да ги одржува зелените површини над 50 отсто, а тоа го постигнува со уредување нови и проширување на постојните зелени површини и со позеленување на градските улици и плоштади, како и фасадите на зградите. Исто така, граѓаните се советуваат како да придонесат за зголемување на популацијата на пчели и да поттикнат садење разнобојни диви цвеќиња и билки на балконите и градините, како и диви ливади наместо мали тревници. Се разбира, притоа избегнувајќи употреба на хемиски производи за заштита на растенијата. Овие мерки на пчелите им обезбедуваат многу храна во текот на целата година, па го зголемуваат производството на мед, што особено важи за Ратауспарк, кој со своите дрвја и цвеќиња им нуди храна на пчелите кои се наоѓаат на покривот на градското собрание во непосредна близина.

2

Градскиот пчелар Алфред Хауска и неговиот зет Мајкл Дракслер се грижат за пчелите на покривот на градското собрание, како и за 80 други заедници на пчели во Виена и околината. Некои од нив се наоѓаат во непосредна близина на градското собрание на Виена, на пример, на покривот на хотелот „Стајгенбергер“ во Херенгасе и австриската контролна банка во Штраучгасе - недалеку од познатото „Кафе централ“. Нивниот мед и други пчелни производи може да се купат секој петок и сабота на пазарот Виктор-Адлер-Маркт, како и во продавницата во трговскиот центар „Донаузентрум“.

Посветена е голема грижа за пчелите на покривот на градското собрание во Виена, а медот се користи исклучиво за хуманитарни и други јавни цели.

Извор: Ekovjesnik.hr
Фото: Stadtlandwirtschaft Wien
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот