X
 13.12.2018 Живот

Во Виена јавниот превоз е 1 евро дневно, автомобилите полека се исфрлаат од центарот, сѐ се прави за граѓаните

Според истражувањето на консултантската компанија „Мерсер“, во конкуренција од 231 светски град, престолнината на Австрија, Виена, и оваа година, деветти пат по ред, е прогласена за најдобар град на светот кога станува збор за квалитетот на животот. Целта на градот е да ја задржи оваа позиција и во иднина.

Низ светот градот Виена служи како пример за урбан квалитет на живеење. Виена гради иднина, односно ја покажува сликата на својата нова урбаност како град на иднината бидејќи растот и промените исто така нудат можност градот да се гради во согласност со водечките принципи на урбаниот развој - штедење на идните ресурси.

Виена е и „паметен град“, функционален град кој на своите граѓани им нуди висококвалитетна социјална инфраструктура, зелени и рекреативни области.

Градот настојува долгорочно да го осигури тој статус со помош на сеопфатни мерки за одржлив урбан развој, но и со одлично стратешко планирање.


Фото: Pixabay

Овие денови Виена е како бајка, а ова е период кога сите предности на овој град доаѓаат до израз. Имено, голем број туристи го користат јавниот превоз, кој е необично евтин. Неделна карта, која вклучува возење со сите јавни превозни средства, чини околу 17 евра. Меѓутоа, звучи неверојатно тоа што цената на јавниот превоз за еден ден е само едно евро. Имено, годишната карта за јавен превоз во Виена чини 365 евра.

Проектот наречен „Степ 2025“ се занимава со просторното уредување на градот и во три големи поглавја опфаќа вкупно осум клучни теми за урбан развој на Виена. Михаел Росенберг, водач на проектот, истакнува дека во Виена во последните 20 години бројот на жители се зголемил за 300.000, а сега веќе има 1,9 милион жители.

- Не сакаме градот да се шири, сакаме да го уредиме во веќе постојната урбана експанзија, сакаме тие нови луѓе, тој нов потенцијал, дополнителната стопанска сила да ги користи сите тие простори што ни се дадени, најоптимално да го искористиме подрачјето на градот - вели Росенберг.

Од друга страна, идентитетот мора да се задржи.

- Ние не сакаме да уништиме нешто што историски се развивало. Во самиот центар на градот нема толку простор за градба, тука постојат некои проминентни проекти кои привлекуваат внимание. Мнозинството од тие проекти и инвестиции сепак се во периферија, во надворешните градски општини, пет километри од центарот, и тоа е нешто што ни одговара. Ние не сакаме да го уништиме или менуваме центарот на градот, туку управуваме со градежните проекти и развојот на градот на оние локалитети што имаат смисла, кои се од корист. Не сакаме промени во центарот што немаат смисла - истакнува Михаел.


Фото: Pixabay

„Степ 2025“ е стратешки документ од урбанистичкиот развоен план, усвоен од градското собрание како највисок орган во градот и во него е одредено како градската управа треба да управува со градскиот развој. Тоа всушност е политичка одлука донесена од раководството на градот и во неа се пропишува како треба да постапува градската управа, што треба да направи, опишани се целите, именувани така што да се знае што треба тој силен јавен сектор да регулира и како да управува со развојот на градот.

Росенберг објаснува дека станува збор за документ кој е доста широк и кој регулира доста животни подрачја, со оглед на растот и развојот на градот и на растот на бројот на жители. Она што таму е опишано е во кои региони Виена треба да го насочи тој раст.

- Многу компактно е опишано дека не треба да се гради густо во градот, градот да не оди со развојот премногу во ширина, се дава насока како да се гради во градот со оглед на очекуваниот раст. Од друга страна, што да се прави во поглед на мобилноста. Јасно треба да му се даде приоритет на јавниот превоз, потоа во документот има насоки како треба да се однесуваме кон автомобилскиот сообраќај, јасно е дадено до знаење дека тука не треба да се прават никакви дополнителни инвестиции ниту, пак, треба да се шири автомобилскиот сообраќај - вели Росенберг.

Документот ги дефинира приоритетите на идниот развој на градот. Кога станува збор за сообраќајот во главниот град на Австрија, најголема желба е да се намали уделот на автомобилскиот сообраќај во градот и луѓето да се префрлат на јавниот сообраќај, да се поврзе јавниот превоз со велосипедизмот, со шетањето, да се олесни комбинацијата од тие движења.

- Тука се вложуваат пари, на тоа се работи. Во однос на паркирањето, тоа станува релативно скапо во центарот, каде што се настојува тоа да се ограничи на луѓето што живеат таму, бизнисмените што таму имаат канцеларии или одат да достават нешто, но се настојува јавниот превоз да се направи поатрактивен за сите нив. Се оди кон отежнување на користењето на автомобили и правење што подобра понуда за јавен превоз, така што луѓето би морале поради едноставноста, да користат јавен превоз. Со тоа се настојува да се создадат подобри алтернативи во внатрешните градски општини - вели Михаел.

Истовремено, Клариса Кнес од општинскиот оддел 19, чија главна цел е работа на архитектурата и уредување на градот, односно јавниот превоз, вели дека Виена постојано се развива.

- Мојата област на работа е урбаниот јавен простор. Виена во тој поглед доживеа голем развој. Се градат високи згради, но се настојува да се гради во рамките на концептот каде што тоа е прифатливо и каде што не се нарушува сликата на градот. Се одржуваат и деловите од градските квартови, се внесува повеќе зеленило во градот со создавање зелени површини. Сè на сè, се работи за сеопфатен развој - вели таа. 

Клариса објаснува и дека сè се прави за граѓаните и дека се анализира социјалниот простор за да може целото опкружување да се направи поприфатливо и привлечно за луѓето што го користат и тој простор да стане мултифункционален.

- Тоа е нивен простор и граѓаните треба да го користат на најоптимален можен начин. Ние не ги прашуваме дали сакаат на некое место да имаат некоја клупа, туку ги прашуваме што сакаат да прават на тој простор. Дали да седат или да шетаат, дали сакаат некое шеталиште, што сега прават таму, а што би сакале да прават во иднина... На пример, благодарение на социјална анализа, утврдивме дека во еден простор не одат девојчиња. Нашиот план беше таков што да може да го користат и девојчиња. Јавниот простор мора да биде за сите и сите мора да можат да го користат - истакнува Клариса.

Некогаш граѓаните не се задоволни од одлуките. На пример, во случајот со паркот Бахер, граѓаните силно се спротивставиле на изградбата на јавни гаражи поради кои требало да се исечат голем број стебла. Имало масовен отпор кој резултирал со одлука да не се градат гаражите.

- Мојот фокус е да го насочам развојот во позитивна насока, значи да се садат повеќе дрвја, да се прошируваат тротоарите, просторот да се направи подобар за живот за сите жители. Тие веќе однапред имаат некои свои желби во поглед на уредувањето на јавниот простор, но, секако, не може да им се исполнат сите желби. Ние ставаме акцент на она што тие го сакаат и дали е можно тоа да се оствари. Нашата задача е да им објасниме зошто нешто не е можно. Со таквите наши објаснувања многу често постигнуваме консензус - вели Клариса.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот