X
 24.10.2021 Технологија

Студенти направиле комбе на сончева енергија и поминале 3.000 километри

Група холандски студенти дизајнирале комбе што користи енергија произведена со соларни панели. Потоа поминале речиси 3.000 километри со комбето, од Ајндховен, Холандија, до Тарифа, Шпанија. Нивната цел е да инспирираат побрза зелена транзиција во Европа.

Студентите се запишани на Технолошкиот универзитет во Ајндховен и се нарекуваат „Соларен тим Ајндховен“. Комбето го нарекле „Стела вита“, а добива енергија од соларните панели на покривот. Оваа енергија се користи за возење и за уредите потребни за живот во комбето.


Фото: Bart van Overbeeke/Solar Team Eindhoven

Студентите објаснуваат дека комбето произведува доволно енергија за да возите, да се капете, да гледате ТВ, да го полните лаптопот и да правите кафе. Тоа овозможува слобода на движење без уништување на околината. Возачите и патниците во комбето може да го следат нивото на електрична енергија што го трошат.


Фото: Bart van Overbeeke/Solar Team Eindhoven

Според студентите, ова е прв подвижен дом кој целосно се снабдува со електрична енергија добиена од сонцето. Комбето е дизајнирано за двајца и има кујна, дел за седење, кревет, туш и тоалет.


Фото: Bart van Overbeeke/Solar Team Eindhoven

Во сончеви денови, комбето може да патува до 720 километри во 24 часа, а достигнува брзина од 120 километри на час. Има и батерија со која може да се патува ноќе или при лоши временски услови. Сепак, дури и во облачни денови, возилото може да произведе 60-70 отсто од максималната енергија, според студентите. Комбето може да се полни како и другите електрични автомобили.

Извор: Tanks Good News
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија