X
 24.11.2018 Живот

Остров што личи на рај, но оттаму никој не се вратил жив

Американецот Џон Ален Чау веројатно е убиен на изолираниот остров Северен Сентинел во Индискиот Океан. Индиските власти соопштија дека уапсиле седуммина рибари кои наводно му овозможиле на туристот посета на островот познат по исклучително агресивните домородци. Индиските медиуми пренесуваат дека Американецот решил да го посети островот за да може од прва рака да ги доживее убавините што ги нуди, а неговото мртво тело било пронајдено од страна на рибарите.

Полицаецот Виџај Синг тврди дека човекот бил убиен во неделата. Од американскиот конзулат во Ченај, главниот град на индиската сојузна држава Тамил Наду, соопштија само дека се запознаени со случајот, но не сакаа да коментираат повеќе.

Според Шив Висванатан, експерт за општествени науки, островот не е отворен за туристи и станува збор за заштитена зона. Точниот број на домородци не е утврден, но се знае дека опаѓа. Криволовците често знаат да одат на риболов во водите околу островот бидејќи се богати со одредени видови токму поради изолираноста од остатокот од светот. Северен Сентинел е дом на племиња кои со лак и стрела ги напаѓаат сите посетители и затоа посетите се строго контролирани.

Прекрасниот вулкански остров технички ѝ припаѓа на Индија, но има посебен статус на автономен регион со невообичаена забрана. Имено, никој не смее да се приближи до островот на помалку од 5 километри. Овој остров често го нарекуваат и рај на земјата, а тој е доказ дека најубавите нешта често се и најопасни, а оние што го посетиле таму го зеле и последниот здив.

Жителите на островот се домородци, а современите процени за нивната бројност се движат меѓу 50 и 400 лица, но точниот број никој не може да го утврди со сигурност.



Неколку рибари кои во 2006 година премногу се приближиле до островот наводно биле фатени и буквално заклани, а дури и приближувањата од хуманитарни причини немале убав крај.

При еден обид за помош по цунами во 2004 година припадниците на племето со копја и стрели го гаѓале хеликоптерот кој носел храна и пакети со прва помош на островот. Според малкуте познати информации, развојот на племето е на многу ниско ниво. Наводно тие сè уште не го откриле ни огнот. Оружјето го прават рачно, од остатоци од бродови, но и од коски, камења и дрва.

Луѓето претежно се хранат со риба, кокос, свињи, а веројатно и со друг дивеч кој ќе го уловат во шумата.

Во однос на изгледот, тие се со низок раст (околу 160 сантиметри), темна кожа и многу виткана коса. За нивниот начин на живот се знае многу малку, а има претпоставки дека се дојдени од Африка.

Првиот човечки обид за контакт со нив датира од 1896 година, кога потрага по избеган затвореник завршила со пронаоѓање на неговото тело прободено со стрели, а кон средината на 70-тите години од минатиот век стрела во ногата добил и режисер на документарен филм.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот