X
 24.12.2019 Образование

Проф. д-р Марјан Ѓуровски, проректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“: Во државата мора да има место за младите луѓе!

Додека студиравте, магистриравте и полагавте и слушавте предавања, особено импресивно за мене беше големата мотивација што ја видов кај вас како млади луѓе и вашата флексибилност да се справите со различни ситуации и да работите со различни луѓе, карактери, материјали и јасно утврдени правила.

За денешниот настан имам поделени чувства, нема поголем празник за еден универзитетски професор или родител да го види својот студент, син или ќерка, како дошол до целта и дипломирал. Добре дојдовте на академската заедница.

Ви честитам што го освоивте високиот врв!

Знам дека сега сте радосни, но и веројатно повеќе збунети и со многу прашалници во себе.

И јас го делам истото чувство со вас.

Среќен сум што остваривте уште еден голем успех и заедно ќе понудиме професионален високо образован кадар кој може да биде столб на безбедносниот систем и процесот на професионализација, департизација и декриминализација на институциите кои се борат против организираниот криминал и корупција или се грижат за јавната безбедност, разузнавањето, заштитата и спасување и друго.

Но додека се подготвуваме за настанот, самиот податок дека околу 30 проценти од дипломираните студенти што ги поканивме да ги земат своите дипломи веќе ја напуштиле земјата со цел да побараат работа во западноевропските земји, создаде горчина во мене.

Кога ќе се додаде фактот што меѓу нас беше спречен да дојде и најдобриот студент од генерацијата, Дарко Николиќ, од поразителни причини за нас, сите ние треба заедно да испратиме порака дека вие сте тука за татковината, таа треба уште пошироко да ги отвори вратите за ваше вработување.

1

Напорите што досега се направени од страна на МВР за време на мандатот на сегашниот министер Оливер Спасовски треба да продолжат и да се дуплираат и динамизираат во сите институции на безбедносниот систем на земјата, и овој позитивен исклучок треба да прерасне во политика и правило на вработување во сите институции во државата.

Според резултатите од истражувањето од програмата „Млади во акција“, секој четврти млад човек е подготвен да се пресели во друг град. Оваа флексибилност е веројатно една од најголемите предности на оваа генерација. За жал, од 22 луѓе, 16 се подготвени веднаш да се преселат во друга земја за да добијат работа. Најчесто поголем дел од нив добиваат ниско квалификувана работа и надвор од својата струка.

Кога  пред 17-тина години бев во Ерусалим, се сретнав со младо момче кое беше дел од протоколот на тогашниот премиер Шарон. Кога го прашав што студира, тој ми рече дека е на пракса, инаку студира во САД и дека со нетрпение очекува да ги заврши студиите и да се врати дома, да, дома, да ѝ служи на земјата и преку неговата секојдневна работа да придонесе за развојот и стабилноста на земјата.

Драги дипломирани студенти и магистри, немојте да ги изгубите вербата и иницијативноста, немојте да бидете дел од сите нас, туку преземете акција, зборувајте гласно и ајде да ги решаваме проблемите и да зачукаме на вратата на безбедносниот систем.

Вие сте браникот, вие сте идниот чадор од безбедносните ризици и закани на земјата, доколку тоа не се реши, високиот број на дипломирани студенти наместо решение, може да прерасне во сериозен економски и безбедносен проблем на земјата.

Ако имате 24 години и универзитетска диплома, ако вашите родители ги имаат инвестирано сите нивни пари во вашето образование, ако сте го направиле сето она што се очекува од вас и општеството ви кажува „жал ми е, ние немаме работа за вас“, тогаш е лесно да се разбере револтот кај вас.

Ние треба да им дадеме надеж на младите луѓе.

Па, по ѓаволите, во државата мора да има место за младите луѓе!

Дипломираните студенти, особено оние на општествените и хуманистичките науки, за жал, се разочарани од нивните перспективи на пазарот на трудот. Иако е вистина дека наоѓањето работа не е лесно и „генерацијата со стажирање“ очајно се бори, дискусијата мора да излезе малку надвор од границите: дали колективниот песимизам на дипломците ги спречува да одат онаму каде што сакаат и да ги остварат своите цели?

Заедно сите ние треба да го подготвуваме образовниот систем за барањата на пазарот на трудот. Потребно е со поддршка од државата да оствариме поголема интеграција на повеќе практично искуство во образованието, за подобро кариерно советување во универзитетите, како и можности за подобрување на меките вештини. Треба заедно да обезбедиме подетални информации за состојбата на пазарот на трудот, како и совети за тоа како да напишете апликации и да бидете успешни на интервјуата за работа. Тоа се нештата кои би можеле да бидат променети од страна на универзитетите и владите и да бидат поддржани од страна на студентите. Воедно, нема да ја пресечеме папочната врска која ја воспоставивме во изминатите години. Меѓу себе треба да си помагаме и по вашето завршување на студиите.

2

Време е местото на теолозите и социолозите во безбедносниот систем да биде заменето со дипломираните студенти од Факултетот за безбедност-Скопје и другите државни високообразовни институции од областа на безбедноста.

На младите исто така им треба фер процена на нивните квалификации (универзитетски дипломи и др.) од страна на државните институции, зашто приватниот сектор има соодветен и друг пристап кон овие кадри.

Широко распространетиот аргумент во МВР дека дипломите од Факултетот за безбедност се „неспоредливи со другите“ да биде прифатен од сите други безбедносни институции, агенции и други. Универзитетските дипломи од различни институции не се во сите случаи целосно поддржани и поради тоа треба да бидат високо проценети и да бидат прифатени во сите систематизации и дефинирани работни места во Агенцијата за вработување.

Вие, денешната дипломирана младина, треба да имате став и мотивација за да иницирате промена во себе.

За жал, наместо тоа, многу македонски дипломирани студенти сакаат сигурна работа во јавната администрација – според еден студент, овие работни места претставуваат долгорочна финансиска сигурност и општествената положба, во замена за релативно малку работа. Очигледно, овој дух не е погоден за одржливост на економијата и сигурен развој и кариера. Ти си млад сега! Смени нешто пред да стапиш во брак, пред да се здебелиш и да станеш дел од системот.

Не смее вашиот позитивен, оптимистички дух да биде заразен, а најмалку поразен.

Ако некој ви даде услов за да се вработите, а да земете партиска книшка, гласно кажете НЕ БЛАГОДАРАМ.

Потенцијалот за подобрување и градење професионален безбедносен систем и стабилна економија и развој е тука: Северна Македонија има релативно стабилен безбедносен систем и скромен економски раст во последниве години.

Фактот дека младите, особено надвор од главниот град Скопје, сè уште немаат корист од овој раст сугерира дека се виновни структурните проблеми.

Бидејќи стапката на невработеност кај младите е двапати повисока од вкупната стапка на невработеност, се чини дека социо-економските политики досега ги фаворизираа постарите генерации, што значи се фокусира на одржување на постојните работни места, наместо на развој на нови. Сега, младите ја плаќаат цената за тоа.

Aко размислувате – Господе, што ќе правам сега со мојот живот, не грижете се. Сите ние кога сме дипломирале сме ја имале истата дилема.

3

Не прифаќајте да работите некоја работа само врз основа на платата што ви се нуди, туку прифатете работа според тоа колку мислите дека можете да растете во таа институција или компанија.

Прифатете ја онаа работа во која најмногу ќе уживате и бидете целосно исполнети.

Знам дека најверојатно мислите: Не знам како да изградам брана, да изградам подобар безбедносен систем на собирање на информации и анализа, или како да вклучам милиони луѓе да се инволвираат во нешто. Но, слушнете ја оваа тајна: никој не знае од почеток. Идеите не доаѓаат целосно оформени.

Тие стануваат јасни колку повеќе работите на нив. Единствено што треба да направите е да започнете. Ако требаше да знам сè за комуникацијата помеѓу луѓето, никогаш немаше да го направам „Фејсбук“, ќе каже Марк Закерберг.

Добро е да бидеме идеалисти.

Но, секогаш oдете подготвени да бидете неразбрани. Секој што работи на голема визија ќе биде нарекуван амбициозен, со луди идеи, дури и ако излезе дека бил во право.

Секој што работи на комплексен проблем, ќе биде осудуван дека не го разбира целосно предизвикот, иако е невозможно да знаете сè од почеток.

Секој што презема иницијатива ќе биде критикуван дека се движи пребрзо затоа што секогаш ќе постои некој кој ќе сака да ве забави.

Веројатно ќе се обиде некој да каже дека тоа не може така бргу да се промени, дека тој е премногу силен и моќен и не може да му застанете на патот на криминалните дејанија, но немојте да се откажувате, одлучно, професионално опстанете на вашата мисија и задача за која денес стекнавте знаења, умешност и диплома.

Честитки за вас и вашите родители!

Многу здравје, успех и среќа ви посакувам на сите.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование