Ново истражување за губење на коскената маса кај 17 астронаути што стигнале до Меѓународната вселенска станица обезбедува поцелосно разбирање на ефектите од вселенското патување врз човечкото тело и чекорите што можат да ги ублажат, клучно знаење за потенцијалните амбициозни мисии.
Истражувањето собра нови податоци за губење на коскената маса кај астронаутите предизвикано од микрогравитацијата и нивото до кое може да се врати коскената минерална густина на Земјата. Во истражувањето учествувале 14 мажи и 3 жени на просечна возраст од 47 години, чии мисии траеле од 4 до 7 месеци во вселената.
1,3 отсто помала јачина на коските
Една година по враќањето на Земјата, астронаутите имале просечно 2,1 отсто помала минерална густина во тибијата, една од коските на долниот дел од ногата, и 1,3 отсто помала јачина на коските.
Кај девет од нив не се вратила минералната густина на коските по летот во вселената и доживеале трајна загуба.
- Знаеме дека астронаутите губат коскена маса при долготрајни вселенски летови. Она што е ново за ова истражување е тоа што ги следевме астронаутите една година по нивниот вселенски лет за да видиме дали и како коската се обновува - објаснува професорката Леј Габел од Универзитетот во Калгари, која е и главен автор на истражувањето објавено оваа недела во списанието „Сајентифик рипортс“.
Значително губење на коскената маса
- Астронаутите доживеаја значително губење на коскената маса во текот на шестмесечните вселенски летови - загуба што би ја очекувале кај постарите возрасни лица во текот на две децении на Земјата - и вратиле само околу половина од таа загуба една година по враќањето на Земјата - рече Габел.
Вселенските агенции ќе треба да ги подобрат режимите на вежбање и диетите за да спречат губење на коскената маса, предупреди Габел.
- За време на летот во вселената, коскените структури стануваат потенки и на крајот некои од коскените прачки се одвојуваат една од друга. Штом астронаутот ќе се врати на Земјата, преостанатите коскени врски може да се згуснат и зајакнат, но оние што се одвоиле во вселената не можат повторно да се изградат, така што целокупната структура на коските на астронаутот е трајно изменета - рече Габел.
Астронаутите што учествувале во истражувањето патувале до вселенската станица во последните седум години. Во истражувањето не е наведена нивната националност, но се знае дека тие биле од американската вселенска агенција НАСА, Канадската вселенска агенција, Европската вселенска агенција и Јапонската агенција за истражување на вселенски простор.
Микрогравитацијата е многу влијателна
Патувањето во вселената е предизвик за човечкото тело и клучна грижа на вселенските агенции додека планираат нови истражувања. НАСА, на пример, има намера да испрати астронаути назад на Месечината, а мисијата е планирана за 2025 година. Тоа би можело да биде воведен дел за идните мисии на астронаутите на Марс или долгорочно присуство на површината на Месечината.
- Микрогравитацијата влијае врз многу телесни системи, вклучувајќи ги мускулите и коските - вели Габел.
- Кардиоваскуларниот систем, исто така, доживува многу промени. Без гравитацијата да „влече крв“ кон нашите стапала, астронаутите доживуваат поместување што предизвикува повеќе крв да се собира во горниот дел од телото. Ова може да влијае врз кардиоваскуларниот систем и видот - додава Габел.
- Радијацијата е, исто така, голем здравствен проблем за астронаутите бидејќи колку подалеку патуваат од Земјата, толку е поголема изложеноста на радијација и зголемен ризик од рак“, предупреди Габел.
Истражувањето покажа дека подолгите мисии во вселената резултирале и со поголема загуба на коскена маса и со помала веројатност за обновување на коските потоа. Вежбите за време на летот, како што е тренингот со отпор на вселенската станица, се покажаа како важни за спречување на губење на мускулите и на коските.
- Постојат многу работи што сè уште не ги знаеме за влијанието на микрогравитацијата врз човековото здравје, особено кога станува збор за вселенски мисии подолги од шест месеци - вели Габел.
Фото: Freepik