X
 05.08.2025 Живот

Женева поскапа од Њујорк, Будимпешта двојно поевтина - вака се движат цените на храната низ европските градови

Неделното купување намирници е неизбежен трошок за сите, но цените на храната низ Европа значително се разликуваат од град до град.

„Индексот на намирници“ на Истражувачкиот институт на Дојче банк открива каде е најскапа типичната потрошувачка кошничка во европските градови во 2025 година.

Врз основа на податоци од „Нумбео“, индексот ги споредува трошоците за намирници во поголемите градови низ светот, вклучително и многу европски.

Како се пресметува индексот?


Индексот се пресметува со користење приспособени цени на секојдневни намирници, вклучувајќи млеко, леб, јајца, овошје и месо. Секој град добива оцена, при што како основа за споредба е поставен Њујорк, со вредност од 100. Индексот не ја зема предвид куповната моќ, што е важен фактор при споредба на градовите.

Па, кои европски градови имаат највисоки трошоци за храна, а каде е најевтино за неделно пазарење?

Најскапи се швајцарските градови

Според извештајот „Мапирање на цените во светот“, Женева се наоѓа на врвот на Индексот на намирници како најскап град во светот. Индексниот резултат на Женева изнесува 106, што значи дека цените на храната се 6 отсто повисоки од оние во Њујорк. За споредба, кошничка која чини 100 евра во Њујорк во Женева би чинела 106 евра.

Друг швајцарски град, Цирих, е рангиран како втор најскап во Европа со резултат 103.

Овие се единствените европски градови што се поскапи од Њујорк, кој служи како референтна точка во индексот.

Сите пет американски градови вклучени во Индексот на намирници (Сан Франциско, Њујорк, Бостон, Чикаго и Лос Анџелес) се поскапи од секој европски град, освен Женева и Цирих. Исто така, Сан Франциско е над Њујорк со индекс од 104.

Следни на листата со најскапи европски градови се Осло (78), Париз (71) и Луксембург (66). Иако значително поевтини од Њујорк и швајцарските градови, тие сепак се во првите пет во Европа.

1
Фото: Freepik

Градови со средни цени на намирници

Многу европски градови имаат помеѓу 58 и 63 поени, што се смета за среден ценовен опсег. Тука спаѓаат:

Хелсинки (63)
Виена (63)
Копенхаген (63)
Милано (62)
Лондон (62)
Брисел (61)
Единбург (61)
Франкфурт (58)
Даблин (58)
Амстердам (58)
Минхен (58)
Стокхолм (58)

Будимпешта и Варшава - најевтини

Најевтината група ги вклучува градовите со индекс 55 и помалку. Меѓу нив, Будимпешта и Варшава (и двете со резултат 37) се најевтини европски градови на листата.

Тоа значи дека кошничка која чини 100 евра во Њујорк во главните градови на Унгарија и на Полска би чинела само 37 евра, што е 63 отсто поевтино од основната вредност на индексот.

Други градови со најниски цени на намирници се:

Истанбул (39)
Прага (42)
Лисабон (44)
Атина (46)
Мадрид (46)
Барселона (49)
Рим (51)
Бирмингем (51)
Берлин (55)

Големи разлики во една иста земја


Не е изненадување што индексот открива и значителни разлики меѓу градови во рамките на иста држава. На пример, индексот за Лондон е 62, додека за Бирмингем е 51.

На глобално ниво, Каиро има најнизок резултат, само 20. Тоа значи дека кошничка со намирници во Њујорк чини петпати повеќе отколку во Каиро.

Цените во Париз за 54 отсто повисоки од Мадрид

Меѓу главните градови на петте водечки европски економии, Франција е најскапа, а Шпанија најевтина кога станува збор за цените на храна.

Париз (71)
Лондон (62)
Берлин (55)
Рим (51)
Мадрид (46)

Тоа значи дека додека кошничка во Париз чини 71 евро, а истата во Мадрид чини само 46 евра. Затоа француската престолнина е 54 отсто поскапа од шпанската.

Исто така, Париз е значително поскап од Рим (за 39 отсто) и Берлин (за 29 отсто).

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот