Две мртви птици од видот царски орел и мртво тело на чакал се пронајдени во атарот на неготинското село Црвени Брегови, на местото Бунарот. Информациите за пронајдените мртви царски орли - редок вид птици строго заштитени со Законот за природа и Законот за ловство, кои се дел и од црвената листа со видови во изумирање на Европа - се појавија на социјалните мрежи.
Во статусот кој привлече големо внимание се наведува дека едната птица носела сателитски предавател, кој им помагал на научниците во проучувањето на карактеристиките на видот. На тој начин биле пронајдени и телата на мртвите птици.
- Од знаците видливи на телата на мртвите птици (згрчени канџи и исцедок од носната шуплина) се претпоставува дека причина за смртта на птиците е отровна мамка - се наведува во статусот.
Исто така, на околу 50 метри од местото каде што биле пронајдени мртвите птици бил пронајден и мртов чакал, што ги зголемува сомнежите за илегална употреба на отровни мамки. Чакалот исто така е вид кој е заштитен со Законот за ловство.
- За жал, илегалната и неконтролирана употреба на отрови заради секакви причини е широко распространета и прави огромни штети во природата. Употребата на отрови е насочена кон волците, лисиците и кучињата скитници, но, за жал, најчесто жртви се многу други корисни, ретки и загрозени видови животни. Како резултат на труење во последниве десетина години популацијата на птиците лешинари е доведена до критична точка пред исчезнување од нашата територија и покрај огромните напори на поединци ентузијасти за нивно зачувување. Многу тешко се доаѓа до информација за случаи на труење, така што голем дел од нив се провлекуваат незабележани или, пак, се дознава предоцна - стои во објавата.