X
 29.12.2023 Наука

Ирвасите не можат да летаат, но имаат друга супермоќ важна за луѓето

Во 1823 година Клемент Кларк Мур го воведе концептот на летечки ирваси во својата песна „Ноќта пред Божиќ“, наводно инспирирана од приказните за магични ирваси на народот Сами. Иако овие приказни не се вистински, треба да се знае дека ирвасите навистина имаат чудесна моќ.

Овие жители на Арктикот развиле извонредни методи за приспособување, од промена на бојата на очите до растење на роговите со неверојатна брзина. Неодамнешните генетски студии откриваат уникатни особини кај ирвасите кои би можеле да бидат клучни за решавање на некои предизвици за здравјето на луѓето.

Ирвасите напредуваат во сурови арктички услови, соочени со екстремен студ, ограничена храна и долги периоди на дневна светлина и темнина. Генетските варијации им овозможуваат на ирвасите да ги надминат ваквите предизвици.

Луѓето споделуваат многу од овие гени со ирвасите. На пример, и двата вида покажуваат деноноќни ритми поврзани со циклуси светло-темно. Во текот на летото на Арктикот, ирвасите им пркосат на своите биолошки часовници барајќи храна речиси постојано под 24-часовна дневна светлина, додека во зима доживуваат забавување на метаболизмот и спорадична активност. Овие уникатни деноноќни приспособувања, забележани и кај поларните животни, како што се пингвините, нудат увид во можните примени за решавање на проблемот со уморот кај луѓето.


Фото: Freepik


Ирвасите поседуваат различни верзии на гени кои управуваат со деноноќниот ритам, па затоа витален дел од нивниот биолошки часовник не работи вообичаено. Откритието отвора можности за разбирање и ублажување на нарушувањата на спиењето кај луѓето. Се смета дека нарушувањата на деноноќниот ритам играат улога и во нарушувања на расположението, како што е депресијата.

Клуч за спречување рак?

Неверојатно, и на машките и на женските ирваси секоја година им растат нови рогови, што е вистинска реткост во светот на цицачите. Истражувањата покажуваат дека гените кои се активираат при растот на роговите се слични на оние во клетките на ракот.

И покрај ова, ирвасите покажуваат многу ефикасни механизми за потиснување на туморите, поради што тие имаат петпати помала веројатност да развијат рак од другите цицачи. Откритието го зголемува интересот за потенцијални примени за превенција или третман на рак кај луѓето.

Фабрики за витамин Д и подобар увид во остеопорозата

Способноста на ирвасите ефикасно да произведуваат витамин Д во средина лишена од сонце е уште една значајна адаптација. Особено е важно ирвасите да го максимираат внесот на калциум и производството на витамин Д. Тој подобрен систем на витамин Д кај ирвасите може да понуди увид во справувањето со остеопорозата.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Freepik

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука