Од луѓето што сметаат дека климатските промени не постојат често можеме да слушнеме аргументи дека климата се менувала и порано под влијание на промените во Земјината орбита. Промените во начинот како ротира Земјата околу Сонцето, меѓу другото и промените во орбитите, навистина се случуваат и тоа во речиси еднакви временски периоди (долги од неколку десетици илјади до 100.000 години) и доведуваат до тоа одредени географски ширини на нашата планета да примаат помалку или повеќе енергија од Сонцето, што предизвикува загревање или ладење. Споменатите промени во орбитата и нивната поврзаност со климатските циклуси ги опишал Милутин Миланковиќ и тие по него го добиле името Миланковиќеви циклуси.
Со оглед на тоа дека нешто толку големо како што се промените во Земјината орбита влијае врз регуларните промени на климата на нашата планета, скептиците тврдат дека никакви човечки активности не може да имаат доволно влијание да предизвикаат „вештачка“ промена на климата, но дали е баш така?
Ефектот на стаклена градина е заслужен за тоа што на Земјата има живот. Без овој ефект просечната температура на нашата планета би изнесувала -18 Целзиусови степени. Покрај тоа, истражувањата покажале дека промените во температурата на Земјата отсекогаш биле во корелација со концентрацијата на стакленички гасови (ГХГ) во атмосферата. Што значи дека кога нивната концентрација била поголема, и температурата била повисока, и обратно. Она што е интересно е дека овие промени се совпаѓаат и со споменатите циклуси на Миланковиќ. Тогаш, која е главната причина за глобалните промени во температурата, промените во Земјината орбита или зголемената концентрација на гасови со ефект на стаклена градина?
Ова прашање всушност е лажна дилема, односно едното решение не го исклучува другото, туку точниот одговор е дека двете појави се заслужни за промената на климата на нашата планета. Тие функционираат по принципот на ефектот на повратна спрега, кој сега ќе го опишеме.
1. Промената во орбитата доведува до тоа Земјата да прима повеќе енергија од Сонцето, што предизвикува поголемо загревање на океаните и на копното.
2. Потоплите океани можат да задржат помала количина на јаглероден диоксид и поради тоа, поголема концентрација останува во атмосферата.
3. Зголемената концентрација на јаглероден диоксид и други стакленички гасови во атмосферата доведува до задржување на поголема количина на топлина во атмосферата, а со тоа и до глобално затоплување.
Значи, промените во орбитата и зголемената концентрација на стакленички гасови заедно доведуваат до загревање на нашата планета. Но, дали човековото испуштање големи количини стакленички гасови може да предизвика „вештачка“ промена на климата? Одговорот е да.
Достапните податоци покажале дека температурата во минатото само се зголемувала кога доаѓало до нагли скокови на концентрацијата на јаглероден диоксид и други гасови со ефект на стаклена градина во атмосферата. Причината за овие скокови во минатото најчесто биле вулканските ерупции како една што се случила во Индија пред 66 милиони години и довела до тоа просечната температура на Земјата да се зголеми за дури седум степени. Причината за сегашното зголемување на концентрација на стакленички гасови во атмосферата е човечкото согорување на фосилни горива.
Докажано е дека циклусите на Миланковиќ заедно со зголемените концентрации на стакленички гасови доведуваат до промени во климата, но станува збор за долготрајни процеси кои доведуваат до постепен раст или пад на температурата во период од неколку десетици илјади години, не до нагли промени на какви што сме сведоци од 70-тите години. Всушност, според циклусите на Миланковиќ, Земјата во моментов би требало да биде во процес на ладење, а не на загревање и во тој случај нашата планета би се нашла во нова ледена доба за околу 50.000
години.
Огромните количини на стакленички гасови кои луѓето ги емитираат во многу краток период доведуваат до нагло зголемување на концентрацијата на стакленички гасови во атмосферата и имаат ефект сличен на споменатите вулкански ерупции, односно брз раст на температурата на нашата планета. Моменталното загревање на кое сме сведоци всушност би можело да ја одложи и оваа идна ледена доба.
Ваквите нагли промени не се во согласност со Земјините природни климатски циклуси и не му оставаат на живиот свет доволно време да се приспособи. Поради таа причина, наглите скокови на температурата во минатото секогаш предизвикувале големи последици и масовни изумирања, а слично нешто се случува и сега.