Ново истражување покажува врска помеѓу климатските промени и намалувањето на големината на човечкиот мозок во минатото. Заклучоците биле донесени врз основа на анализа на податоци за климата и човечки остатоци во период од 50.000 години.
Научникот Џеф Морган Стибел од Природно-научниот музеј во Калифорнија го водел истражувањето кое покажува како луѓето се развивале и адаптирале како реакција на промените во околината.
- Со оглед на неодамнешните трендови во глобалното затоплување, важно е да се разбере влијанието на климатските промени, доколку го има, врз големината на човечкиот мозок и последователно врз однесување на човекот - напишал Стибел во трудот.
Во истражувањето се анализирало како се менувала големината на мозокот на 298 човечки примероци од последните 50.000 години. Била откриена врска со промените во температурата, влажноста и дождовите. Кога климата била потопла, просечниот мозок растел побавно отколку кога климата била постудена.
Стибел објаснил дека е познато дека мозокот на човекот се зголемувал од вид до вид во последните неколку милиони години, но не се знае за трендовите во пократки временски периоди. Неговото истражување покажува обрасци на менување на големината на мозокот кои се поврзани со климатските промени.
- Промените во големината на мозокот се јавуваат илјадници години по промените на климата, а ова е особено нагласено по последниот леднички максимум, пред околу 17.000 години - објаснил Стибел.
Извор:
Science alert
Насловна фотографија: Pixabay