X
 25.03.2020 Наука

Првпат откриена суперспроводливост кај метеорити

Научници првпат пронајдоа природни суперспроводливи материјали во вонземни објекти, откривајќи суперспроводливи зрна вметнати во два различни метеорити што паднале на Земјата.

Ова е последното откритие кое покажува дека метеоритите се многу повеќе од вселенски отпад кој паѓа од небото.

Суперспроводливоста е збир од физички карактеристики кои обезбедуваат „совршена“ електрична спроводливост во материјал, што значи дека целиот електричен отпор во материјалот исчезнува, меѓу другите ефекти. Овој феномен е исклучително редок во природните материјали што не се посебно третирани, односно е редок барем на Земјата.

Во далечината на небото над нас нештата може да се многу поразлични, велат истражувачите, и екстремните услови во вселената може да создаваат егзотични фази на материјалите, кои не можат да се видат на Земјата, преку астрономски настани кои може да ослободуваат неверојатно високи температури и екстремно големи количини на притисок.

Поради тоа, се смета дека метеоритите може да се добри кандидати за наоѓање природно формирани суперспроводливи материјали создадени во непознатите делови од вселената. Единствениот проблем е што претходните истражувања никогаш не идентификуваа некои такви суперспроводливи состојки. Барем не досега.

Во нова студија предводена од Калифорнискиот универзитет во Сан Диего научниците истражувале фрагменти од 15 различни метеорити, користејќи техника наречена модулирана микробранова спектроскопија на магнетно поле за да детектираат траги на суперспроводливост во примероците.

Тие добиле два „добитни“ метеорита. Првиот е железен метеорит наречен Мундрабила, еден од најголемите метеорити некогаш пронајдени, кој бил откриен во Австралија во 1911 година. И вториот е редок уреилит метеорит наречен GRA 95205, лоциран на Антарктикот, а најден пред четврт век.

Според мерењата на тимот, кои исто така се потпирале на магнетометрија со вибрирачки примерок (VSM) и енергетска дисперзија на рендгенски зраци со спектроскопија (EDX), двете вселенски карпи содржат мали количини на вонземни суперспроводливи зрна.

- Природните суперспроводливи материјали се невообичаени, но тие се особено значајни затоа што овие материјали може да се суперспроводливи во вонземни средини - истакнува физичарот и нанонаучникот Џејмс Вамплер.

Ова е голем пронајдок и не само затоа што е прв во метеорити.

- Дури и наједноставниот суперспроводлив материјал, оловото, ретко се наоѓа природно во природна форма и, според нашите знаења, нема претходни известувања за природни суперспроводливи примероци на олово. Всушност, знаеме за едно претходно известување за суперспроводливост кај природни материјали - кај минералот ковелит - објаснуваат авторите во нивниот труд.


Фактот што овие суперспроводливи зрна се најдени во два одделни метеорити посочува дека во вселената веројатно има повеќе од овие суперспроводливи материјали.

Извор: Science Alert
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука