Метеоритите паѓаат низ нашата атмосфера, при што согоруваат и често се распаѓаат при удар. Преостанатата карпа може да содржи материјали што не се пронајдени на Земјата, па дури и рани докази за почетоците на животот во универзумот.
Нивното наоѓање и правилно собирање е од клучно значење за астрономијата. Токму затоа, Музејот за минерали и скапоцени камења во Мејн се обидува да го подобри нашето знаење за вселената нудејќи голема награда за парче метеорит што паднало на Земјата на 8 април 2023 година.
Имено, на 8 април некои набљудувачи здогледале светла огнена топка над нив. Од лабораторијата за истражување на астроматеријали на НАСА бил откриен метеорит. Метеоритот бил забележан и од Американското здружение за метеори. НАСА пресметала дека деловите од метеоритот ќе можат да се најдат по должината на канадската граница во близина на Мејн. Областа таму е прилично пошумена, а фрагментите најверојатно се темни и јагленисани. Но, досега никој не успеал да најде, па музејот сака да го промени тоа.
- Наоѓањето метеорити во шумите на Мејн е прилично тешка работа затоа што станува збор за доста пошумена и ретко населена област - вели Дарил Пит, шеф на одделот за метеорити.
За да ги поттикне луѓето да бараат делови од метеоритот, музејот нуди награда од 25.000 долари за првото парче метеорит со тежина од 1 килограм или повеќе, а истакнува дека ќе бидат подготвени да платат и за помали делчиња.
За сите заинтересирани за ловот на метеорити, важно е да се следат безбедносните протоколи во дивината и водичот на НАСА за пронаоѓање и правилно ракување со метеорити.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото: NASA