Македонската фудбалска репрезентација денеска во 18:30 часот ќе слета на скопскиот аеродром, каде што несомнено ќе биде пречекана од голем број обожаватели по историската гостинска победа против Италија од 0:1 во баражот за Светското првенство во Катар.
Селекторот Благоја Милевски, кој инаку денеска го прославува 51. роденден, ќе ги искористи деновите од викендот за мини-подготовки за бараж-финалето против Португалија, кое ќе се игра во вторник од 20:45 часот на стадионот „Драгао“ во Порто, а победникот ќе обезбеди настап на Мундијалот од 21 ноември до 18 декември во Катар.
Историската победа над Италија се славеше цела ноќ. Покрај славењето на трибините и во соблекувалната на фудбалерите, се славеше и на улиците во Скопје. Како за потсетување на историскиот успех, Александар Трајковски им пресуди на Италијанците со гол во 92. минута, погодок со кој Македонија го елиминира актуелниот европски владетел од трката за место на Светското првенство во Катар.
фото: ФФМ