X
 29.05.2021 Спорт

Некои правила за Европското првенство во фудбал што можеби не сте ги знаеле

Основните правила на Европското првенство во фудбал (УЕФА ЕУРО 2020) веројатно ги знаете. Вкупно 24 тима во шест групи се обидуваат да влезат помеѓу 16. најдобри. Но официјалните правила на првенството се напишани на дури 70 страници. Еве некои од нив.

Победниците добиваат копија од трофејот

Трофејот што му се доделува на победничкиот тим по финалето, всушност, останува во сопственост на УЕФА по церемонијата. Победниците си одат дома со идентична копија, но и со 40 златни медали. Тимот што освоил второ место си оди дома со 40 сребрени медали за играчите и вработените.

Прекинатите натпревари продолжуваат онаму каде што биле стопирани

Доколку одреден натпревар не може да се одржи или заврши, правило е тој да се одигра или заврши следниот ден, доколку може на истата локација. Натпреварот што бил прекинат продолжува од истата минута со топката на истата локација. Тимовите може да сменат играчи само во одредени услови, на пр., кога играчите се суспендирани.


Фото: Pixabay

Оваа година се дозволени повеќе резерви

За да се намалат ризиците од недостиг на играчи поради можни позитивни тестови за ковид-19, било одлучено да се зголеми бројот на дозволени резерви. Сега тимовите ќе бидат составени од 26 играчи и резерви. Секој тим има право да искористи најмногу 5 резерви, а се дозволува внесување на шести резервен играч само во продолжението.

Стигнување навреме

Двата тима треба да бидат во стадионот барем 75 минути пред почетокот. Националната химна на секој тим е ограничена на 90 секунди.

Задолжителни пасоши

Секој играч мора да има пасош или лична карта од земјата што ја претставува, без разлика дали учествува во натпревар кој се игра во земја-домаќин или во странство.

Броевите на дресовите

Дресовите имаат броеви од 1 до 26, со тоа што бројот 1 го носи голманот. Според правилото, двата тима треба да имаат дополнителни дресови со или без број во случај играч да мора да го замени голманот.


Фото: ФФМ

Правила на клупата

Секој тим може да има најмногу 18 луѓе на клупата за резерви - 12 играчи и 6 други членови на тимот, меѓу кои и лекар. Двете страни може да имаат уште пет луѓе за техничка поддршка. Годинава овие лица ќе бидат оддалечени еден од друг и ќе седат и зад клупата.

Задолжителен разговор со медиумите

Еден играч од секој тим, како и тренерите, мора да зборува со претставник на локален медиум веднаш по натпреварот на теренот или веднаш до него. Освен тоа, барем четири од клучните играчи мора да им бидат достапни на локалните медиуми по натпреварот. Тренерите мора и да учествуваат во конференцијата за медиуми што се одржува по натпреварот.

Целосното име

Она што ќе го гледаме следниот месец има официјално име - Завршен турнир на Европското првенство во фудбал на УЕФА 2018-2020. Ова е 16. издание, а следното ќе се одржи во Германија во 2024 г.

Извор: uefa.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Спорт