X
 25.03.2024 Образование

Ана Марија Николовска, студентка од УКЛО - амбасадор на ден во Амбасадата на Велика Британија

Студентката Ана Марија Николовска од Факултетот за безбедност - Скопје, единица на УКЛО, имаше успешна апликација и беше избрана да биде амбасадор на ден во Амбасадата на Велика Британија.

Станува збор за иницијатива на амбасадата за одбележување на Меѓународниот ден на жената, со цел да ги доближат своите активности до млади, амбициозни и ангажирани девојки и жени со цел зајакнување на нивната позиција во општеството и запознавање со потенцијалните кариерни можности во позиции во рамките на своите надлежности.

За оваа ексклузивната можност и искуство, ги пренесуваме личните впечатоци и импресии од студентката Ана Марија Николовска.

1

- По повод Меѓународниот ден на жената, имав привилегија да бидам избрана за учество во настанот „Амбасадор на ден“ во Британската Амбасада во Скопје. На почетокот на денот бев пречекана со топло добредојде од страна на неговата ексцеленција, г. Метју Лосон. Активностите во текот на денот беа разновидни и повеќе од инспиративни - од учеството на тркалезната маса со претставници на организациите за жени во нашата држава до самата обиколка на Амбасадата, секој момент за мене беше ново искутво и стекнување нови ставови и знаења.

Бидејќи ова беше моето прво искуство во Британската Амбасада, бев повеќе од импресионирана од професионализмот и гостопримството на сите што беа дел од настанот. Организацијата беше на највисоко ниво, а секој дел од програмата беше внимателно испланиран и воден.

2

При самата обиколка на Британската Амбасада имав можност да се запознаам со различните делови на институцијата и да дознам повеќе за нејзината работа и нејзините функции. Бев импресионирана од професионализмот и посветеноста на персоналот во секој аспект на нивната работа.

Особено запознавањето со делот околу британското одбранбено аташе за мене претставуваше голема чест и вистинско задоволство. Обединетото Кралство е богато со примери на влијателни жени во безбедносниот сектор, што го истакнува и самото значење на континуираната борба за рамноправност и вклученост на жените. Така, во рамките на самата апликација, при изборот на влијателна жена се одлучив моето внимание да го насочам кон Стела Римингтон. Како личност која се наоѓа при крајот од додипломските студии на Факултетот за безбедност во Скопје, во рамките на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, бев воодушевена од нејзината визија и придонес во полето на безбедноста.

Таа, дури и по нејзиното пензионирање од МИ5, остана светлина во тунелот за многу жени преку нејзиното активно јавно говорење и застапување за прашања поврзани со женското лидерство. Нејзината визија за поинклузивно општество е гориво кое ги инспирира другите жени да станат агенти на промени. Агенти за себе, за нивните мајки, за нивните ќерки, а со тоа и за самото општество.

Ние, како жени, треба да го избришеме отпорот кон промените, институционалната инерција и скептицизмот - а решителноста и стратешката навигација на Римингтон го направија токму тоа.

4

Верувам дека овој настан одигра важна улога во поддршката на инклузивноста од самиот почеток, особено за вклучувањето на жените во дипломатските процеси и меѓународната соработка. Особено сум благодарна за поддршката и насоките од проф. д-р Јонче Ивановски и проф. д-р Марјан Николовски за време на процесот на аплицирање. Нивното охрабрување и довербата во моите способности беа клучни за моето учество во оваа програма. Според мене, ваквите можности помагаат во спречувањето на меѓународната заедница да се „затвори во себе“ и ја отвораат можноста истата да биде посветена на светот кој се грижи за инклузивноста и вклучувањето на сите жени.

Во оваа пригода би сакала да искажам најискрена почит до амбасадорот во Британската Амбасада во Скопје, господин Метју Лосон. Неговата учтивост, професионалност и гостопримство го направија ова искуство особено значајно. Неговата предаденост кон изградба на партнерството и соработка помеѓу нашите две земји е вистинска инспирација. Додека, пак, неговата поддршка и неговите совети ме инспирираа да се посветам уште повеќе на своите цели и да не се откажувам од нив.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование