Дипломирањето може да биде тешко искуство за некои студенти, но сепак можат да се подготват за промената. Речиси половина од студентите изјавуваат дека се чувствуваат тажни кога го напуштаат универзитетот, покажува неодамнешно истражување.
- Има многу причини зошто тие може да имаат тешкотии со менталното здравје. Продолжувањето со животот по студиите може да биде возбудливо и застрашувачко - вели Стивен Бакли од „Мајнд“, британска организација која им помага на лицата со ментални тешкотии.
Сепак, може да преземете некои чекори за да го направите полесен преминот од студентските денови во реалниот живот.
Одбегнувајте да се споредувате
- Сосема е нормално да не знаете што сакате да правите по студирањето. Важно е да запомните дека на многумина им се потребни месеци, па дури и години за да сфатат кои ќе бидат нивните следни чекори - вели Бакли.
Фото: Pixabay
- Најтешкиот дел за мене беше кога гледав дека некои луѓе одат на пракса или наоѓаат работа веднаш по студирањето и чувствував притисок да го имам истото - вели неодамна дипломираната Роси Чалк.
- Знаев дека не бев подготвена да продолжам со нешто големо или драстично, како селење во Лондон, бидејќи немав искуство, имав слабо ментално здравје и немав пари. Не бев подготвена да не ги гледам пријателите толку често, што направи да се чувствувам осамено - вели таа.
Иако Чалк не работи во Лондон и ја нема совршената работа, таа додава дека тоа не е натпревар, без разлика како изгледа.
Поставете ги основите
Дипломците чувствуваат притисок да најдат работа. Затоа, Карли-Меј Кавано се активирала пред да дипломира.
- Одев на часови по студентско новинарство и на радиоконференции. Се пријавив и за курс во Брајтон и за фондот за различност во новинарството, што знаев дека ќе ми помогне додека барам работа - вели таа.
Кавано сега е новинар во „Мид Сасекс тајмс“. Можеби нема да ја добиете работата што ја посакувате веднаш по студиите. Но доколку направите контакти и запознаете луѓе во последната година, тоа може да биде вашата почетна точка.
Фото: Pixabay
- Повеќето од можностите што ги имав се појавија преку работа со оние што ми се блиски - вели Бен Винтер, кој студирал промоција на музика на Универзитетот „Солент“.
Времето што Винтер го поминал со радиозаедницата на универзитетот му помогнало да најде работа во музичката индустрија.
Грижете се за здравјето
Животот по дипломирањето може да биде осамен. Како што објаснува Бакли, важно е да се остане здрав. Тој советува балансирана исхрана, пиење вода, активност и контролирано консумирање алкохол. Во тешките периоди важно е да се биде физички и ментално здрав.
Неодамна дипломираната Луси Вин препорачува спорт. Таа тренирала бразилско џиу-џитсу за време на студиите и продолжила со тренирањето по дипломирањето и преселбата во друг град.
Побарајте поддршка од универзитетот
Дипломците се чувствуваат изолирани, но тоа не треба да биде така. Побарајте ја студентската унија или некоја институција што нуди поддршка и советување. Бакли советува и да останете во контакт со пријателите од универзитетот.
Извор: Theguardian.com