Веројатно не е грешка ако се каже дека серијата на Гај Ричи - „Џентлмен“, базирана на неговиот истоимен филм, дефинитивно е најозборувана оваа година, барем досега. Моментално е меѓу најгледаните, а доби и одлични критики. Ричи го подготвува својот нов филм оваа година, а додека се чека на тоа и ако веќе сте ја гледале „Џентлмен“ и ви се допаднала, во продолжение прочитајте за пет слични серии што можете да ги погледнете во меѓувреме.
„Гризелда“
Исто како во „Џентлмен“, серијата следи семејство кое се занимава со трговија со дрога. Во мини-серијата на „Нетфликс“ ја следиме Софија Вергара како Гризелда Бланко, позната како криминалец, која создала еден од најнемилосрдните картели во историјата. Серијата го прикажува нејзиниот подем и пад низ шест епизоди, а приказната е возбудлива, емотивна, смешна, страшна и трагична, додека најголемото изненадување доаѓа со изборот на главната актерка.
Како да продавате дрога преку интернет (брзо)“
Германската серија „Како да продавате дрога преку интернет (брзо)“ беше под радарот за многумина и е совршена ако ви се допаднала „Џентлмен“. Крими-комедијата следи средношколец кој се обидува да ја врати љубовта на својот живот со лансирање на најголемиот онлајн бизнис со дрога во Европа со својот најдобар пријател, сето тоа од неговата спална соба. Серијата има три сезони, а наскоро се очекува и четврта.
„Дјус“
Џејмс Франко и Меги Гиленхал се ѕвездите на серијата, која се емитуваше од 2017 до 2019 година. Драмската серија го следи животот во Њујорк во текот на 70-тите и 80-тите години кога дрогата, проституцијата и порнографијата „лудувале“ во градот. Иако можеби најмалку слична на „Џентлмен“ на оваа листа, „Дјус“ ја има онаа криминална атмосфера што ја сакаме. Серијата визуелно добро ги доловува тие две децении, како и суровоста на заплетот и приказната.
„Браќата Сан“
Иако неодамна беше откажана од „Нетфликс“, оваа серија е семејна акциона драма многу слична на „Џентлмен“. Ја следи приказната на безмилосен гангстер кој доаѓа од Тајпеј во Лос Анџелес за да ги заштити својата мајка и помалиот брат откако неговиот татко е убиен. Серијата постигна голема гледаност, па изненади многумина што беше откажана. Сепак, препорака за гледање на едната сезона.
„Железно владеење“
Друга серија на „Нетфликс“ која ги следи криминалните активности е шпанската „Железно владеење“. Хоакин Манчадо владее со својата нарко-империја од пристаништето во Барселона со железна тупаница, додека новата пратка не ги наруши неговиот бизнис и семејството. Тоа е мини-серија од осум епизоди која можете да ја изгледате во еден викенд.
Извор: Journal.hr
Фото: Freepik