Моментално најгледан наслов на „Нетфликс“ и тема број еден за минатата недела е втората сезона од антологиската серија „Чудовиште“. Ја следи приказната за браќата Лајл и Ерик Менендез, познати по убиството на нивните родители, таткото Хозе и мајката Кити. Секој има свое мислење за оваа серија, вклучително и самите браќа, кои се огласиле со осуда на серијата за погрешно прикажување на настаните. Ако веќе сте ги гледале сите девет епизоди од приказната за Лајл и Ерик Менендез, ви препорачуваме да ги погледнете следните пет серии засновани на вистински случаи.
„Делото“ (The Act)
Ако има една серија и случај што е најсличен на оној на браќата Менендез, тоа е „Делото“. Мини-серијата следи вистински случај на убиство на родител. Диди Бланшард е премногу заштитничка мајка. Нејзината ќерка Џипси Роуз страда од секоја болест што можете да ја замислите. Меѓутоа, таа всушност боледува од синдромот Минхаузен, односно имагинарна болест предизвикана од нејзината мајка, која ја разболела за Џипси засекогаш да остане со неа. Кога Џипси сака да излезе од таквата токсична врска, нејзината потрага по независност ја отвора Пандорината кутија на лаги и завршува фатално за Диди.
„Љубов и смрт“ (Love & Death)
Елизабет Олсен, Џеси Племонс и Лили Рејб се одлична актерска екипа од мини-серијата „Љубов и смрт“, која е интересна до самиот крај. Станува збор за случајот со Кенди Монтгомери, која во серијата ја игра Олсен, и нејзиниот „приградски криминал“. Таа е добра пријателка со сосетката Бети Гор (Рејб) со која има многу заеднички работи. Заедно пеат во хорот на методистичката црква, ќерките им се најдобри пријателки, а нивните сопрузи имаат добри работни места. Но, под површината на нивните навидум совршени животи, и двете жени зовриваат од фрустрации и неисполнети желби. Кога Бети дознава дека Кенди спие со нејзиниот сопруг (Племонс), некој ќе умре.
„Американска криминална приказна: Луѓето против О.Џ. Симпсон“ (American Crime Story: The People v. O.J. Simpson)
Ако ви се допадна приказната за Лајл и Ерик Менендез поради нејзиниот творец, Рајан Марфи, тогаш погледнете уште една од неговите антологиски серии – „Американска криминална приказна“, поточно нејзината прва сезона, „Луѓето против О.Џ. Симпсон“. Сместена во раните деведесетти, истата година со судењето на Менендез, оваа серија следи едно од најпознатите судења во историјата. О.Џ. Симпсон ја убил сопругата, но тврдел дека е невин. Тој излегува невин од судењето што го покриваат медиумите, за неколку години подоцна повторно да заврши в затвор. Во серијата го игра Куба Гудинг Џуниор.
„Пејзажисти“ (Landscapers)
Уште една вистинска приказна е претворена во мини-серија, но овој пат со примеси на хумор. „Пејзажисти“ следи тивка средовечна двојка, Сузан и Кристофер Едвардс. Тие стануваат фокус на голема истрага откако инспекторите ископуваат две мртви тела во дворот на нивната куќа, за кои се покажува дека се родителите на Сузан. Сузан и Кристофер ги играат Оливија Колман и Дејвид Тјулис.
„Скалилата“ (The Staircase)
Мајкл Петерсон е крими-писател обвинет за убиство на неговата сопруга Кетлин, откако таа наводно паднала по скали. Има популарен (и малку пристрасен) документарец за случајот на „Нетфликс“, но ви ја препорачуваме мини-серијата со Колин Фирт и Тони Колет како сопружници. Откако е обвинет за убиство, следува долга правна битка која трае 16 години. Мајкл отсекогаш тврдел дека е невин, но на гледачот останува дали ќе му поверува.
Извор: journal.hr
Фото: Freepik