X
 25.04.2018 Образование

Томислав Гиевски, претседател на новиот синдикат за образование: Департизација, поголеми плати, подобрување на угледот на просветните работници

Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) е формиран од група наставници од основните и од средните училишта како гранков синдикат и е член во Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), во која членуваат 38 синдикати

Потребата јавно да се искажат проблемите со кои се соочуваат просветните работници, да се создаде функционално тело кое активно ќе ги едуцира просветните работници за нивните работнички права и ќе учествува во заштитата на работничките права кои многу години наназад грубо се нарушуваат, се главните причини поради кои се формира Независниот синдикат за образование и наука.
Претседателот на новиот синдикат, Томислав Гиевски, професор по географија во ОУ „Рајко Жинзифов“ од населбата Кисела Вода, вели дека Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) е формиран од група наставници од основните и од средните училишта како гранков синдикат и е член во Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), во која членуваат 38 синдикати.

Колку членови има засега и кои се најмногубројни? Дали се тоа наставниците од основно образование, од средно или од високо?


Томислав Гиевски

- Заклучно со 16 април, НСОН има регистрирани 520 члена со пополнета и архивирана пристапница за членство. Во моментот најмногубројни се членовите од основните училишта, но тоа не значи дека така ќе биде и во иднина бидејќи проблемите што се јавуваат во образованието се присутни во сите училишта и градинки.

Од што се најнезадоволни членовите на НСОН денес?

- Најголемото незадоволство кај членовите на НСОН е од влијанието на политичките партии во образовниот систем, ниските плати на просветните работници, кои се за 16 % помали од републичкиот просек на плати во Македонија, неусогласеноста на надлежностите на Државниот просветен инспекторат и на Бирото за развој на образованието во делот на инспекцискиот и стручниот надзор, недостигот на кариерен развој за наставниците, како и тоа што условите на работа не соодветствуваат со можностите за користење на ИКТ во наставата според пропишаните одредби.

Веќе подолго време се случуваат големи промени во образованието. Како синдикатот се вклучува во овие процеси?

- Во периодот на функционирање на НСОН како регистриран синдикат, досега остваривме една средба со министерката Рената Дескоска, на која ѝ ги презентиравме заложбите на синдикатот. Заложбите на НСОН се темелат на департизација на образованието и зголемување на угледот на просветните работници, за што активно даваме предлози и образложенија и се надеваме дека тие ќе придонесат за прогресивен развој на една од најбитните стопански дејности во светот – образованието.



Се подготвуваат многу законски измени. Законот за високо образование веќе е во собраниска процедура, предлог-законите за основно образование се веќе ставени на јавна расправа, а се најавува нов закон за средно образование. Какви забелешки имате за новата легислатива? Кои ваши предлози сметате дека треба да влезат во новите закони?

- Во моментов комисија при НСОН го анализира предлог-законот за основно образование, се координира со групите што работат во училиштата и за него ќе излеземе јавно со предлози доколку нашите групи имаат забелешки или дополнување за конкретни членови од законот. Се надеваме дека како синдикат ќе бидеме повикани и на јавна дебата за да го искажеме мислењето на нашето членство.

Колку се наставниците задоволни од платите? Каде и како треба да се коригираат?

- Просветните работници во Република Македонија во споредба со земјите од регионот имаат најниски плати. Почетната плата на просветниот работник е за 3.500 денари пониска од просечната плата во државата. Нискиот стандард и нарушениот углед се причини за револт кај просветните работници. Платата може да се коригира преку синдикални активности со цел да се прати јавна порака дека незадоволството од платите е големо. За жал, една третина од просветните работници не се членови на синдикат, повеќе од половина немаат доверба во синдикалното дејствување, а на тоа ако го додадеме и силното влијание на политичките партии врз вработените во образованието, ќе заклучиме дека синдикатите во изминативе години затаиле со своето дејствување. Сите факти ја даваат реалната слика што денеска ја имаме во образованието, а ние како синдикат ќе се залагаме за подигнување на свеста на работниците за остварување на своите работнички права.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование