Долго најавуваа, а сега и го реализираа. „Нетфликс“ во вторникот откри детали за тоа како спречувањето на споделувањето лозинки ќе влијае врз гледачите во САД и колку ќе ги чини корисниците за да задржат дополнително луѓе на нивниот профил.
Американските претплатници на „Нетфликс“ што ќе ја споделуваат услугата надвор од нивното домаќинство ќе добијат е-пошта со известување за новата политика за споделување лозинки.
Секое ново додавање - 8 долари
За американските корисници што плаќаат 15,49 долари месечно, тоа значи дека ако сакаат да додадат дополнителен член надвор од домаќинството, ќе мора да издвојат дополнителни 7,99 долари месечно. Исто така, секој што го плаќа пакетот „Нетфликс премиум“ со 4К стриминг, ќе има можност да додаде до два дополнителни члена, но и тоа ќе чини 8 долари.
Оваа „добра“ вест, освен во САД, пристигнува и во Велика Британија, каде што за дополнителен корисник ќе се плаќа 4,99 фунти месечно.
Исто така, претплатниците на „Нетфликс“ со најевтини опции за претплата веќе немаат опција да додаваат дополнителни членови на нивниот профил.
Експериментот на „Нетфликс“ со плаќање за споделување лозинки трае подолго време, а во февруари беше проширен и во Канада, Нов Зеланд, Португалија и Шпанија.
Страницата за поддршка која ги објаснува новите поставки ги опишува дополнителните членови како некој што ќе има своја лозинка и профил, а лицето кое ги поканило да се приклучат на неговата сметка го плаќа нивниот пристап. Сепак, дополнителните корисници имаат ограничувања. Овие сметки мора да се активираат во истата земја, може да гледаат или преземаат содржини само на еден уред во исто време и не можат да создаваат дополнителни профили или да се најавуваат како детски профили.
Новото домаќинство на „Нетфликс“ се одредува врз основа на тоа каде корисникот гледа „Нетфликс“ и каква IP адреса користи. Оваа локација може да се ресетира со помош на апликација на телевизорот или уредот поврзан на ТВ.
Извор:
Zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik