X
 25.05.2026 Живот

Шпанско село нуди живот од соништата: Бесплатно сместување, обезбедена работа и идилична природа

Малото шпанско село Аренилјас, оддалечено околу два часа од Мадрид, нуди бесплатно сместување и работа за луѓе што се подготвени да се преселат таму со своите семејства.

Доколку сонувате за нов почеток под шпанското сонце, со помирно темпо на живот и силно чувство на заедништво, оваа понуда можеби е шансата што ја чекате. Аренилјас е живописно шпанско село со камени улички, опкружено со виолетови полиња со лаванда и зелени патеки, и како и многу други места низ Европа, се бори против иселувањето на населението, но преку конкретни мерки и иницијативи.

Во моментов во селото живеат околу 40 жители, а во изминатите години мештаните самостојно реновирале неколку објекти и ги претвориле во седум модерни и целосно опремени станови. Сега селото е подготвено да прими нови жители.

Понудата е внимателно осмислена за луѓе што сакаат долгорочно да останат таму.

Обезбедено е бесплатно сместување. Луѓето што ќе се преселат ќе живеат во реновираните станови без да плаќаат кирија. Ќе ги покриваат само трошоците за вода и гас, додека струјата е многу евтина благодарение на соларните панели поставени на покривите.

 

Загарантираната работа е важен дел од понудата. Во селото итно се бараат работници во градежниот сектор за одржување на местото.

Проектот е особено насочен кон семејства со деца, за кои општината обезбедува бесплатен превоз до училиште.

Пријавите се испраќаат директно до општината, а кандидатите треба накратко да се претстават, да ги наведат причините поради кои сакаат да се преселат и да приложат биографија со практични знаења и вештини што можат да ѝ ги понудат на заедницата.

Важно е да се напомене дека ваквите програми често се наменети за државјани на Шпанија или за лица што веќе имаат право на работа во земјата, па меѓународните кандидати можеби ќе треба да исполнат дополнителни услови поврзани со престој или виза.

Интересот за програмата е голем - само во првите неколку недели пристигнале повеќе од 200 пријави од различни делови на светот.

Извор: Blic.rs
Фото: Wikipedia

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот