X
 11.04.2023 Живот

Овие две места во Шпанија нудат илјадници евра за семејствата што ќе се преселат таму. Што се крие зад тоа?

Размислувате да го напуштите вашето место на живеење и да побарате подобри услови на друго место? Ако одговорот е да, тогаш имаме добри вести за вас.

Во последниве години сѐ повеќе градови низ светот се соочуваат со демографски пад или недостиг на работна сила, па за да привлечат нови жители, многумина се одлучуваат за необична стратегија - парични стимулации на луѓето кои одлучуваат да се преселат и да живеат во нивната заедница.

Шпанскиот град Понга и прекрасното гратче Рубија се најновите што нудат ваква примамлива понуда со надеж дека ќе привлечат многу заинтересирани луѓе и ќе го стимулираат развојот на локалната заедница.

Понга ви плаќа да живеете таму и да уживате во природата


Во северните планини на Шпанија се наоѓа градот Понга, кој нуди интересна понуда за сите што бараат место за живеење. Имено, локалните власти се подготвени на секој што ќе се пресели во ова преслатко гратче да му платат по 2.970 евра, вклучувајќи ги и бебињата, за да го поттикнат доаѓањето на новите жители и да заживее локалната економија.

ponga
Понга/Фото: Wikimedia Commons

Сепак, постои еден услов што мора да се исполни: новите жители мора да се обврзат да останат во градот најмалку пет години. За среќа, Понга е дом на природни убавини и голем природен резерват, каде што жителите можат да уживаат во прекрасните глетки и авантуристичките спортови.

1.827 евра за преселување во идиличното село Рубија


Ако сте љубител на постудена клима, Рубија, мало село лоцирано во Галиција, шпанската автономна заедница на крајниот северозапад од Пиринејскиот Полуостров, им плаќа на луѓето 1.827 евра за да се преселат таму. Оваа понуда е особено интересна за семејствата со деца бидејќи целта на иницијативата е да го зголеми бројот на ученици во локалните училишта. Рубија моментално има само 1.400 жители, па новите жители се добредојдени да помогнат во зачувувањето и развојот на ова место.

2
Рубија/Фото: Wikimedia Commons

Сите што ќе се преселат во Рубија ќе уживаат во недопрената природна средина, далеку од метежот и вревата на градот.

Атрактивни понуди низ Европа

Ова не се единствените примамливи понуди достапни низ Европа. На крајот од минатата година Италија објави дека ќе им плати на луѓето 30.000 евра за да се преселат во еден од руралните градови што се соочуваат со депопулација, додека швајцарскиот град Албинен на семејствата им нуди повеќе од 50.000 евра да дојдат и да живеат таму. Сите што сакаат да дојдат и да живеат во Швајцарија треба да бидат помлади од 45 години и да да купат недвижен имот со минимална вредност од 200.000 евра.

За разлика од овие места во Шпанија, Италија и Франција, многу градови низ светот се соочуваат со проблем на пренаселеност, па Јапонија неодамна објави дека им нуди пари на семејствата да се иселат од пренаселениот главен град.

Почнувајќи од април, сите што живеат во најгусто населениот дел на Токио, вклучувајќи ги и самохраните родители, ќе добијат 7.250 евра по дете доколку се преселат во помалку населени области низ земјата.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Pexels
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот