Одделот за истражување и развој на кинеската компанија „Хуавеи“, „Фјучрвеи“, почнува одделување на дејноста од компанијата-мајка, откако во мај САД го ставија технолошкиот гигант на „црната листа“, информираат извори за американски медиуми.
Одделот „Фјучрвеи“ им забранил на вработени на „Хуавеи“ да влезат во канцелариите, ги префрлил своите вработени на нов информациски систем и им забранил да го користат името или логото на „Хуавеи“ во комуникацијата. Сепак, кинеската компанија ќе продолжи да го поседува својот дел.
Поделбата на дејноста следува откако многу американски универзитети ги прекинаа своите партнерства со „Хуавеи“, како реакција на обвинувањата на САД дека компанијата претставува ризик за национална безбедност. Некои образовни институции размислуваат да прекинат со работата со другите кинески компании.
„Фјучрвеи“ има стотици вработени во Силициумската долина и регионите на Сиетл, Чикаго и Далас. Компанијата има над 2.100 патенти.
Стравувањата на универзитетите се дека „Хуавеи“ ги користи партнерствата за да презема и користи истражувања од областа на вештачката интелигенција, телекомуникациите и роботиката, кои можат да се користат за хакерски или шпионски операции, или, пак, да ѝ дадат предност на кинеската компанија пред американските конкуренти.
Одделот „Фјучрвеи“ не може да биде ставен во истата црна листа како „Хуавеи“ бидејќи е регистриран во САД.
Извор: МИА