X
 18.07.2022 Живот

НАСА: САД и Русија ја продолжуваат соработката во вселената

Иако САД воведоа економски санкции против Русија поради војната во Украина, во вселената двете светски сили наоѓаат начини да продолжат со соработката.

Имено, НАСА и Роскосмос го потпишаа долгоочекуваниот Договор за замена на седишта на летови до Меѓународната вселенска станица.

По затворањето на својата програма за вселенски бродови, НАСА со години се потпираше на руските летови на „Сојуз“ за пренос на свои астронаути во орбиталната лабораторија. Тоа беше така сè додека не се појавија ракетите „Кру драгон“ на „Спејс-икс“, лиценцирани за човечки екипажи. Сега, американската агенција повторно ќе има места и на „Сојуз“, додека руски космонаути ќе летаат со „Кру драгон“.

- Летачките интегрирани екипажи гарантираат дека на станицата има соодветно обучени членови за суштинско одржување и вселенски обиколки. Тоа е заштита и од непредвидени ситуации, како што се проблем со вселенско летало на кој било екипаж, сериозни медицински проблеми во екипажот или итен случај на станицата за кој е потребна екипа и возило со кое би требало да се вратат на Земјата порано од планираното - соопшти НАСА.

Со други зборови, договорот ќе значи и дека ниеден сектор на станицата, управуван од САД и Русија, никогаш нема да биде оставен без управувач при итни случаи.

Притоа, Ана Кикина ќе биде првата руска космонаутка што ќе лета со „Кру драгон“. Ќе ѝ се придружат Никол Ман и Џош Касада од НАСА, како и Јапонецот Коичи Ваката. Во меѓувреме, астронаутот на НАСА Френк Рубио ќе се упати кон МВС со „Сојуз“.

Пролетта 2023 година Андреј Федјаев од Роскосмос и Лорал О’Хара од НАСА, исто така, „ќе си ги сменат седиштата“. А овој пат, според договорот, тоа ќе биде и бесплатно, за разлика од минатото кога НАСА му плаќаше на Роскосмос околу 56 милиони долари по седиште.

Инаку, ова следува откако беше објавено во дел од руските медиуми дека раководителот на Роскосмос – Димитри Рогозин ќе биде назначен за шеф на кабинетот на рускиот претседател Владимир Путин како администратор за надгледување на украинските територии што Русија ги зазела.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот