X
 05.12.2018 Живот

Макрон зборува за крајот на светот, а Французите се борат да го дочекаат крајот на месецот

Францускиот претседател Емануел Макрон сака да му се претстави на светот како умерен центрист кој успева да го контролира бесот на гласачите. Сепак, во својата земја тој е политичар под опсада и е под ризик да биде совладан од растечкиот бунт.

Макрон се врати во Франција по самитот Г-20 и се соочи со растечко насилство во Париз. Трет викенд по ред протестите зедоа замав низ целата земја, достигнувајќи врв во Париз. Десетици автомобили беа запалени, се судрија полицијата и демонстрантите, најмалку 260 лица беа ранети низ цела Франција - 133 само во Париз.

Протестите се поврзани со движењето познато како „Жолти елеци“. Овие елеци мора да ги носат возачите во случај на вонредни ситуации на патиштата.

Французите што протестираат порачуваат дека зголемувањето на цените на дизелот и новиот данок поради климатските промени се вонредна ситуација.

Од друга страна, „Гардијан“ пишува дека податоците на Европската комисија покажуваат дека даноците во еврозоната се во пад во текот на последните две години. Најголеми даноци на гориво во ЕУ има Холандија, а најниски Бугарија, додека Франција е на врвот на листата, а тука е и Велика Британија.

- Често се вели дека даноците на гориво никогаш не биле поголеми, но реалноста е дека се на ниво на даноците од пред 20 години - вели Вилијам Тодс, извршен директор на „Транспорт и енвајрмент“, невладина организација која се занимава со загадувањето на животната средина поради сообраќајот.

1
Фото: Reuters


„Гардијан“ пишува дека најголемиот удар на возачите е всушност растот на цената на сирова нафта и дека токму падот на овие цени на ниво од октомври малку ќе му олесни на Макрон. Сепак, приказната за даноците на горивото предизвика и други теми - недоволно развиената мрежа на социјални служби и големата стапка на невработеност.

Епицентарот на протестите, сепак, лежи надвор од урбаните делови на Франција. Репортер од „Вашингтон пост“ посетил едно село на границата на Франција со Швајцарија и забележал големо незадоволство кај жителите.

- Живееме на падините на планините. Нема автобуси или возови што би можеле да нѐ превезат некаде. Неопходно е да имаме автомобили - велат Французите, кои даноците ги карактеризираат како остар и директен удар врз нивниот живот.

Социјалните пукнатини што се шират низ Франција, со постиндустриски очај, се познати за Американците, Британците и за другите западни демократии. Како и во овие општества, и во Франција постои страв дека државното раководство не може да ги надмине поделбите што се појавуваат.

Политичките противници на Макрон зборуваат за тоа дека државата е на ниво од 1968 година и дека е потребно на граѓаните да им се понуди поширока перспектива на политички избори за надминување на кризата.

Лидерката на крајната десница, Марин Ле Пен, за која министерот за внатрешни работи на Франција рече дека е одговорна за нередите во Париз, бара распуштање на Народното собрание и нови парламентарни избори.

- Франција низ историјата имала голем број маршеви и револуции, но брзината со која се одвиваат денешните протести го одзема здивот - изјави Ле Пен.

Од друга страна, за оние што ја штитат политиката на Макрон настапуваат тешки времиња. Кога беше избран за претседател, тоа изгледаше како пресвртница со оглед на зајакнувањето на десничарските популисти од двете страни на Атлантикот. Но, со својот истакнат интернационализам Макрон ги иритира десничарите, додека левичарите му замеруваат што е „богат агент“.

- Важно е да се напомене дека Франција досега не беше уверена во технократското лидерство, но ниту задоволена со монархистичкото владеење. Французите го проценуваат Макрон како елита што води политика за богатите и со тоа работи против интересите на средната класа - вели Џејмс Трауб за „Вашингтон пост“.

Или, како што вели еден незадоволен демонстрант: - Емануел Макрон, јавајќи го бранот на екологија, во обид да стане светски лидер, зборува за „крајот на светот“, а Французите се борат да го дочекаат крајот на месецот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот