Во телевизиските серии како „Сопранови“ или „Суксеција“ ликовите задолжително имаат терапевт. И сите - од папата до Хари Стајлс, оделе на психотерапија. Но, дали навистина вреди да се инвестира во тој процес?
Опсегот на менталните болести и нарушувања е огромен. Третина од нас некогаш во животот ќе доживеат некакво нарушување на менталното здравје. Тоа е речиси 40 отсто од болестите во развиените земји. За споредба, дијабетесот, мозочниот удар, канцерот, срцевите и белодробните заболувања заедно опфаќаат само 20 отсто. Во Обединетото Кралство 40 отсто од прегледите кај општи лекари вклучуваат проблеми поврзани со менталното здравје, кои предизвикуваат речиси половина од отсуствата од работа.
Многумина велат дека терапијата е одговорот, а тој сектор во модерниот свет цвета: не можете да го слушате омилениот поткаст без да бидете советувани да пробате терапија од страна на водителите или нивните огласувачи.
Значи, под претпоставка дека можете да си го дозволите тоа, дали треба да пробате психотерапија?
Да, но...
Краткиот одговор е „да“. Но, само ако го изберете вистинскиот терапевт и вистинскиот тип на терапија. Истражувањата покажале дека психотерапијата е многу ефикасна, повеќе од вакцината против грип и речиси сите интервенции во кардиологијата. Три четвртини од луѓето што посетувале психотерапија завршиле со подобро ментално здравје од оние што воопшто не биле. 76 отсто од луѓето велат дека би му ја препорачале психотерапијата на пријател.
Кога таа функционира, престанувате да се грижите толку многу, почнувате да донесувате подобри одлуки, да се залагате за себе, да се чувствувате помирни и да спиете подобро. Но, не се работи само за „чувствата“. Промените што ги предизвикува терапијата се видливи и преку снимање на мозокот. Подобрувањата може да се измерат: бројот на часови на спиење и денови поминати без паника. Во една студија, клиентите со анорексија тежеле во просек 8 кг повеќе по терапијата - во многу случаи буквалната разлика помеѓу животот и смртта.
За повеќето луѓе, за повеќето проблеми, психотерапијата дејствува.
Но, добивањето добра психотерапија не е едноставно. За почеток, има повеќе од 500 видови психотерапии. Повеќето не се истражени. Некои се засноваат на псевдонаука и презентираат чудни тврдења. Некои, пак, ги влошуваат работите. За конфузијата да биде уште поголема, терапијата може да ја обезбеди психотерапевт, психоаналитичар, психолог или советник. Во Велика Британија секој може да ги користи тие титули без ниту еден ден поминат во обука.
Тоа е лошата вест. Но, ако ги следите инструкциите подолу, можете да се движите безбедно низ процесот:
-Изберете терапија која е испробана и проверена, за која има добри докази.
-Изберете добар терапевт. Тоа нека биде некој со валидни ингеренции, кој ќе ви одговори на прашањето какви резултати да очекувате и колку е самиот терапевт во тек со новите истражувања и методи.
-Сфатете ги сериозно вашите преференции. Когнитивната бихевиорална терапија и психоанализата се многу различни. Ако сакате алатки и насоки, изберете терапија што го обезбедува тоа.
-Работете напорно. Истражувањата покажуваат дека мотивацијата е најважна за терапевтскиот успех. Ако се подложите на процесот доцна и секогаш ги обвинувате другите, нема да имате многу придобивки од терапијата.
Ако сте мотивирани да се промените и изберете терапија понудена од квалификуван професионалец, тогаш најчесто, а и за повеќето проблеми, терапијата навистина функционира и вреди да се применува.
Извор: Psychology Today
Фото: Freepik