Кои големи предизвици го очекуваат човештвото во иднина? Кои ќе бидат главните светски проблеми за 30 години? Невозможно е точно да се предвиди, но би можеле тоа да го насетиме врз основа на сегашните навестувања на трендовите и насоката во која денес се развиваат науката и технологијата.
А, овие се само некои од потенцијалните прашања на утрешницата, пишува
Би-би-си:
1. Генски модификации на луѓето
Етичките расправи на оваа тема почнаа минатата година во врска со новата технологија „Crispr“, која се заснова на преуредување на клетките на ДНК. Замислената цел му е изменување на ДНК во насока на лекување болести како што е ракот.
Иако ова барем малку звучи разумно и хумано, оправдано се поставува етичкото прашање „Што ако некој одлучи ваквите методи да ги употреби за остварување на некои ’мрачни намери‘?“
2. Старост на популацијата поголема отколку што била претходно
Во иднина нема да се „бориме“ само со порастот на популацијата, туку и со продолжувањето на животниот век. Научниците предвидуваат дека до 2100 година бројот на стогодишници во светот ќе порасне од сегашните 500.000 на 26 милиони. А на тие луѓе им е потребна медицинска и секаква друга нега.
3. Изгубени градови
Подигнувањето на нивото на морето постепено ќе доведе до тоа некои градови или делови од нив полека да почнат да исчезнуваат. Како последица на климатските промени, поплавите ќе зачестат, а глобалната промена на климата ќе влијае и врз начинот на изградба на објектите во иднина.
Климатските бегалци ќе станат секојдневие, поради што инфраструктурата, услугите и комплетните економии на државите може да се доведат до граници на распукување.
4. Еволуција на социјалните медиуми
Речиси да имаме свет без приватност, и тоа е еден од проблемите што на сите ни е познат. Тука е и проблемот со сајбер-насилството. Се поставува прашањето како и со колкава ефикасност законодавците и безбедносните служби, па и самите интернет-компании ќе придонесат за создавање побезбедни опкружувања.
Некои нешта сè уште се непредвидливи. Кога се појавија социјалните мрежи, оптимистите зборуваа дека сите проблеми набрзо ќе бидат решени. „Фејсбук“ веќе има 13 години, а што ли ќе биде за 30...
5. Нови геополитички тензии
Прашањата на глобалната безбедност и стабилност во светот се многу комплицирани. Северна Кореја, стотици илјади бегалци, пораст на национализмот и јакнење на популизмот, хакери, нуклеарни проектили, опасна технологија... сè ова јасно укажува зошто постоењето на добра дипломатија е од витално значење.
6. Иднината на автомобилите
Наспроти очекуваниот развој на новите превозни средства, автомобилот не оди никаде. Згора на тоа, во наредните децении ќе ги има сè повеќе на патиштата. Речиси е извесно дека меѓу нив, во блиска иднина, ќе се најдат и автомобилите без возачи.
Од друга страна, земјите како што е Кина, кои нагло и забрзано се развиваат и каде што се засилува средната класа, би требало да ги создадат сите инфраструктурни предуслови, како и оние за ефикасна борба против порастот на загадувањето.
7. Исчезнување на ресурсите
Новите технологии бараат современи материјали, кои често содржат ретки метали. Тоа го поставува прашањето на нивната долговечност. Се претпоставува дека кинеските рудници, во кои се наоѓаат 90 отсто ретки материјали на Земјата, ќе бидат исцрпени во наредните две децении.
8. Населување на други светови
Патувањето во вселената одамна е стварност на астронаутите, а од скоро и на богатите поединци. Прашање е дали некогаш ќе биде достапно за широката популација, особено ако или кога човештвото ќе почне да ја плаќа цената на промената што ќе настане.
9. Посилна ментална сила
За оваа цел, веќе користиме одредени стимуланси, како што е кафето. Фармацевтските производи или технолошки импланти кои ни помагаат да бидеме пофокусирани, побрзо да мислиме и да го користиме мозокот над нормалните човечки можности, се нешто на кое веќе се работи во лабораториите низ светот.
И овие стимуланси на иднината отвораат низа етички, правни, економски и социјални прашања.
10. Влијание на вештачката интелигенција врз нашиот живот
Може ли вештачката интелигенција еден ден да стане посилна од човечката? Факт е дека е сè поприсутна околу нас, но и таа нас нè тера на размислување за етичките и социјалните импликации.
ВИ ќе го промени начинот на кој денес живее човекот, а не е невозможно ни некои идни форми на вештачка интелигенција да излезат од контрола...