X
 25.07.2017 Наука

Психолошкото објаснување кога мислиме дека некој нѐ гледа

Замислете си го ова: седите во празен автобус на сред ноќ, преокупирани со вашата книга или вашиот телефон, и чекате да помине времето додека се возите. Стигнувате до одредена станица, слушате како вратата се отвора и се затвора, а потоа автобусот продолжува. По неколку минути станувате напнати - не можете да си објасните зошто, но имате чувство дека некој зјапа во вас. Вашите очи се среќаваат за момент, а потоа вие го тргате погледот, малку исплашени. Се чувствувате непријатно за повторно да видите дали странецот сè уште зјапа, но вашето тело ви кажува дека зјапа.

Повеќето од нас го искусиле ова чувство, без разлика дали погледот е непожелен (чуден странец во воз) или пожелен (атрактивен познајник на забава). Сензациите што го придружуваат овој феномен понекогаш се паранормални - како физички да ги чувствувате очите на другите врз вас, како да имате втор пар очи на задниот дел од главата.

Ова нè тера да се запрашаме: Што е тоа што прави да се соочиме со чувството дека некој нè гледа, дури и тогаш кога не го гледаме набљудувачот? И зошто кога го имаме ова чувство, често пати сме во право?

Бидејќи очите гледаат многу повеќе отколку што ние знаеме и мислиме.

Кога некој зјапа во нас, ние инстинктивно знаеме или чувствуваме, нашите системи детектираат работи кои се далеку од нашиот свесен поглед. Истражување од 2013 година направено врз пациентот Т.Н. вели дека тој бил кортикално слеп, што значи дека неговиот визуелен кортекс бил оштетен, така што не можел да „гледа“ во традиционална смисла, но неговиот мозок сепак добивал информации од неговите очи. Во ова истражување, на Т.Н. му биле прикажани слики од лица - некои од нив гледале право во него, други гледале настрана. Иако Т.Н. не можел да објасни или да го артикулира она што го гледа, активноста во неговиот дел од мозокот кој реагира на закана и возбуда се активирала тогаш кога гледал слики со лица што изгледале како да зјапаат во него.

Истражувањето на Т.Н. може да го објасни тоа „шесто сетило“ кое го чувствуваме кога мислиме дека некој нè гледа. Нашиот мозок работи многу под површината на нашиот свесен поглед. Така, ако шетате по улица и добиете чувство дека некој ве гледа, големи се шансите да добиете информација директно од вашето поле на визија.

Бидејќи мислите можете да ги преточите во чувства.

А морниците што ги чувствувате како нешто реално, веројатно се производ на вашата фиксација. Еден од првите луѓе што го истражувале ова чувство бил д-р Едвард Тиценер, психолог кој работел во текот на 20 век. Ова чувство е предизвикано од помислата и верувањето дека некој нè гледа, а не самото гледање.

Бидејќи зјапањето е исклучително важно.

Низ нашиот мозок поминува диспропорционално количество на енергија кога се прашуваме дали луѓето зјапаат во нас - толку што постои теорија дека имаме цела невролошка мрежа посветена на оваа активност. Истражувачот на невронските мрежи - Хариет Демпсеј-Џоунс смета дека човечкото око е дизајнирано да биде откриено.

„Не е само нашиот мозок тој што има специјализирано да нè привлече до оној што зјапа во нас. И нашите очи се формирани да го ’фатат‘ вниманието и лесно да ја откријат насоката на зјапањето. Човечките очи се различни од очите на другите видови по тоа што има голема бела област околу зениците. Во основа, очите ни покажуваат кога ќе се случи нешто значајно“, објаснува Хариет. Овде се вклучени и надворешните случувања и личните.

Но не секогаш ја имаме точната претпоставка. Истражување од 2013 година открива дека не секогаш нашата претпоставка дека сме целта е точна.

Но чувството дека некој нè гледа може да предизвика самоисполнувачко пророштво: кога мислите дека некој зјапа во вас, може да се свртите и наеднаш да се соочите со него, и да предизвикате лицето да погледне во вашата насока. Исто така, возможно е потсвесно да сте забележале дека некој зјапа во вас пред вие да се свртите, а вашата меморија ве предупредува за фактот неколку минути подоцна.

Да се соочиме, луѓето се себични. Чувствителни сме на зјапање бидејќи оваа чувствителност може да е алатка за опстанок. „Директното зјапање може да е сигнал на доминација или закана, а кога нешто гледаме како закана, не би сакале да го пропуштиме“, вели Колин Клифорд, професор по когнитивни науки на Универзитетот во Нов Јужен Велс.

„Директниот поглед е често социјален знак дека другата личност сака да комуницира со нас, така што претставува сигнал за претстојна интеракција“, додава тој.

Со други зборови, освен опасност, зјапањето може да сигнализира и интимност - двете работи на кои треба да обрнеме внимание за нашата благосостојба.  
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука