X
 04.12.2023 Здравје

Нормални чувства што се јавуваат кога некој што го сакаме има рак

Ракот е дијагноза која е сѐ почеста кај сите старосни групи. Речиси и да нема фамилија која не се соочува со дијагноза на оваа болест - директно или во опкружувањето. Кога некој што го сакаме има рак, најширок спектар на чувства е неизбежен и нормален.

Минувањето низ дијагнозата на ракот е психофизички предизвикувачка не само за лицето што ја добива. Од пресилни емоции, до победа или пораз, станува збор за предизвикувачко патување со многу подеми и падови. Интензивните чувства не го одминуваат никој што е во каква била врска со заболениот, а особено се изразени кај лицата блиски со пациентот.

Чувствата се менуваат и има амплитуди. Има добри и лоши денови, без разлика на тоа како се чувствува оној за кого се грижите или со кого сте блиски. Во добрите денови нема максимална среќа, а кога ќе наидат лошите, стравовите и грижите се уште посилни.

Луѓето на различни начини се справуваат со ова искуство. Некои целосно ги занемаруваат своите чувства и целосно се посветуваат на негата на болниот. Едноставно ги игнорираат сопствените чувства и целосно се концентрираат на грижата за лицето со рак. Но, психолозите потенцираат дека тоа не е добро, особено ако трае подолг период. Покрај напорот и обврските, треба да се обидете да се грижите и за себе во тој стресен период. Посветувањето внимание на сопствените чувства е важен дел од борбата на блиското лице со ракот бидејќи туѓата енергија често е најважна поддршка за заболените.

Експертите направиле листа со најчестите чувства во таква ситуација и посочуваат начини како поуспешно да се справиме со нив.

Најчесто, по првичниот шок, доаѓаат следните чувства:

-тешко прифаќање на веста;
-непомирување со фактите;
-чувство на вкочанетост;
-целосно затворање во себе без покажување чувства.

Стручњаците велат дека не треба да ве загрижува доколку чувството е присутно на почетокот. Шокот е природна реакција и може да е потребно време за да се разберат вестите и да се надмине тој првичен период.

Страв

Можно е да бидете исплашени поради она што се случува. Исто така, можеби ќе бидете загрижени поради неизвесноста и тоа што ќе донесе иднината. Причините за страв може да се различни.

-дијагнозата;
-терапијата;
-чекањето резултати и самите резултати;
-носењето одлуки.

Анксиозност

Поради соочувањето со тешката болест на некој што ви е близок, можеби ќе почувствувате дека губите контрола и дека не можете да направите ништо во сета таа неизвесност, а честа последица е анксиозноста.

Обидете се да се фокусирате на нештата кои можете да ги промените или контролирате. На пример, воведете рутина во активностите со промени кои морало да се случат поради новите околности. Направете што е можно повеќе позитивни промени во начинот на живот кои може да направат да се чувствувате подобро. Ќе трошите енергија и ќе морате да ја надополнувате.

Доколку анксиозноста остане подолг период, морате да се обратите кај експерт.

Негирање

Многу луѓе продолжуваат со негирањето на она што се случува и фингираат нормално продолжување на животот. Негирањето во првиот момент е начин на соочување и може да ви даде време да се приспособите. Меѓутоа, ако трае со недели или месеци, може да стане проблем. Не одбивајте за тоа да разговарате со оние во кои имате доверба.

Ако на блиско лице му е дијагностициран напреден рак, тоа сигурно не е лесно да се прифати. Но, ако негирате, тоа ќе му го отежни лекувањето на болниот, а вам прифаќањето на неизбежната вистина.

Тага во различни облици и поради различни причини

Можеби ќе почувствувате тага и загуба поради животот што сте го имале пред ракот. Исто така, може да тагувате бидејќи сте го изгубиле чувството на сигурност. Тагата поради страв од загуба исто така е нормално чувство.

Важно е да си дозволите да тагувате поради сите тие загуби. Секој има добри и лоши денови. Не очекувајте дека постојано ќе се чувствувате добро, дури и ако заболениот е подобро. Исто така, никогаш нема да биде сѐ целосно црно. Тагата ќе заминува и ќе се враќа, тоа е нормално чувство кога не преминува граници.

Бес

Многу луѓе чувствуваат бес и тоа е нормална реакција. Има различни причини за бес:

-болно е лице кое ви значи;
-ракот ги променил вашите животи;
-се обидувате да се справите со премногу нешта;
-бесот покрива други чувства (тага, страв или анксиозност).

Разговор со некого за вашите чувства може да го запре таложењето бес. Ако ви е тешко да го контролирате, обидете се да забележите колку траат тие напади и дали се чести. Кога ќе почувствувате дека сте лути, бројте до десет, дишете длабоко и оддалечете се од ситуацијата и направете си смирувачки амбиент.

Вина

Чувството на вина, исто така, е многу често. Можеби ќе се чувствувате виновни затоа што мислите дека ви е еднакво тешко, мислите дека не правите доволно за да помогнете, не знаете како да помогнете или затоа што некогаш се чувствувате добро и не сакате да го менувате тоа или затоа што сте лути што болното лице ви префрлило многу обврски.

Кога се чувствувате виновни, вообичаено е и да ги скриете своите чувства. Задолжително разговарајте со некого ако ве притиска чувството на вина поради каква било причина.

Зборувајте за своите чувства

Понекогаш луѓето не сакаат да зборуваат за своите чувства кога некој нивни близок се бори со рак. Некои се плашат дека тоа би можело да го вознемири болниот. Меѓутоа, мораме да знаеме дека сето ова се природни реакции кога некој што ни значи е болен.

Експертите велат дека најпогрешно е да се кријат емоциите. Добра идеја е да се разговара со други лица, без разлика дали имале слично искуство. Тоа ќе го намали притисокот и за вас и за болниот.

Извор: Eklinika
Фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје