X
 25.07.2018

Македонија има 13 „вистински“ острови

Во досегашната географска литература главно се сметаше дека Македонија има само еден остров: Голем Град на Преспанското Езеро. Од друга страна, според релевантната светска литература, за остров најчесто се смета копнена површина поголема од 0,01 км кв. (1 хектар) опкружена со вода. Нашите детални анализи на сателитските снимки и дигитални модели на релјефот покажуваат дека според тој критериум, во Македонија има 13 типични острови. Од нив, најголем е Голем Град на Преспанското Езеро со површина од 23 хектари, за кој веќе има доста информации во литературата. Останатите природни езера немаат острови, но ги има на вештачките акумулации: Тиквешкото (остров Градиште) и Калиманското Езеро (Калата). Од нив, островот Градиште е поголем (2,2 хектари) и потипичен, со најголема височина од 20 метри над езерото. За споменатите езера веќе е пишувано на  порталот ИГЕО. Меѓутоа, во Македонија има и 10 речни острови поголеми од 1 хектар, сите на реката Вардар низводно од вливот на Пчиња.

Овие 10 речни острови се појавуваат на сателитските снимки и топографски карти од 1975 година до денес, а нивната форма и големина не се значително изменети. Најголем е островот кај с.Удово, со површина од 6 хектари и должина на брегова линија од 1,4 км. Покрај него, доста голем е островот кај с.Уланци и островот во Демиркаписката Клисура (по 4,8 хектари). Понатаму по големина следуваат речниот остров кај: с.Тремник (3,9 ха), островот во Таорска Клисура (3,4 ха), островот кај с. Градец (3 ха) и други. Според должината, најдолги се островите кај с.Тремник и с.Удово, со по 700 м, а највисок (релативно) е островот кај с. Пепелиште (6 м). Сите 10 речни острови се ниски (најмногу до 5 м над реката) и затоа делумно (многу ретко целосно) се поплавуваат за време на високите води на Вардар. Најголем дел од островите од брегот се оддалечени 15-30 метри, што претставува проблем за нивна посета (длабочината на Вардар кон островите најчесто надминува 1 м).

Сепак, речиси сите имаат бујна крајречна вегетација, како и разновиден животински свет. Тие се слабо посетени, обично од рибари, иако се многу атрактивни и интересни за излет, престој и рекреација во природа, авантуризам и друга туристичка намена. За крај да споменеме дека вкупната површина на сите 13 острови во Македонија изнесува 66 хектари или 0,66 км кв., а вкупната должина на нивните брегови е 14,6 км.

Островот Ада кај Велес 

Островот во Демиркаписката Клисура 

Островот кај с. Удово (мостот кон селото поминува преку островот) 

Островот кај с.Уланци 

Автор: д-р Ивица Милевски / iGeo
Подготвил: проф. Ивица Милевски / иГео
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk