Меѓу 14. најуспешни дипломирани инженери во Македонија кои ќе ја добијат престижната награда „Инженерски прстен“ – признание што го потврдува нивниот извонреден успех, посветеност и резултатите постигнати во текот на студирањето, се и двајца млади инженери од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Меѓу овогодишните добитници се Стефана Димитриеска, дипломиран инженер по графичко инженерство и дизајн од Техничкиот факултет – Битола и Симеон Наловски од Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола, при УКЛО.
Признанијата на најуспешните дипломирани инженери ќе им ги врачи македонската претседателка , Гордана Сиљановска-Давкова, на свеченото доделување што ќе се одржи на 4 септември 2026 година, на платото пред црквата „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид.
За Стефана Димитриеска, „Инженерскиот прстен“ претставува голема чест, но истовремено и одговорност која треба да се оправда преку понатамошниот професионален и академски развој.
„Добивањето на признанието „Инженерски прстен“ секако дека е голема чест, но и обврска, зашто истото ќе треба да се оправда во текот на нашиот понатамошен професионален живот“, вели Димитриеска, нагласувајќи дека признанието не треба да се сфати како завршница, туку како добра основа за понатамошно усовршување, надградување на знаењата и професионално позиционирање.
Како млад инженер, таа ја гледа иднината низ повеќе можности – продолжување на образованието, стекнување практично искуство во реалниот сектор, но и следење на новите технологии кои овозможуваат современи начини на професионална работа и континуирано учење.
Посебно значајна е нејзината порака до идните инженери. Потсетувајќи на познатата мисла дека „инженерите не создаваат проблеми, инженерите ги решаваат проблемите“, Димитриеска инженерството го гледа и како простор за креативност, дизајн, уметност и иновативност. Како инженер од областа на графичкото инженерство и дизајнот, таа смета дека техничките науки треба да добијат и своја „душа“, а вештачката интелигенција треба да се прифати како алатка и можност, а не како конкуренција. Човекот, односно инженерите, ќе го имаат последниот збор уште долго време - истакнува Димитриеска.
За Симеон Наловски, добивањето на „Инженерскиот прстен“ претставува заокружување на една значајна етапа од неговиот живот, со која се вреднуваат вложениот труд, истрајноста и посветеноста во текот на студирањето. Но, и тој нагласува дека признанието носи и дополнителна одговорност за идното професионално и академско усовршување. Наловски упатува благодарност до професорите, асистентите и колегите од Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола, кои биле дел од неговиот образовен пат.
Особено значаен е фактот што по неколкугодишна пауза, веќе трета година по ред најдобриот дипломиран студент на Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола е носител на признанието „Инженерски прстен“. Тоа, според Наловски, претставува силна потврда за квалитетот на инженерскиот кадар кој се создава на факултетот, како и за успешноста во остварувањето на мисијата и визијата на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
И двајцата млади инженери во признанието препознаваат повеќе од награда за досегашниот успех. За нив, „Инженерскиот прстен“ е поттик да продолжат со учење, професионален развој, истражување и создавање нови вредности во своите области.
Воедно, нивниот успех претставува и мотив за идните генерации студенти да ги изберат инженерските дисциплини и со посветена, темелна и одговорна работа да ги развиваат своите знаења и вештини.
УКЛО со гордост го одбележува успехот на Стефана Димитриеска и Симеон Наловски, како уште една потврда дека вложувањето во знаењето, креативноста, истрајноста во млади инженерски кадри - создава основа за нивниот личен успех и за развој на општеството.
(Комерцијална објава)