Моите амбиции на долгорочен план се стекнатото искуство и експертско знаење да ги искористам за целосна дигитализација, како и модернизација на постојните софтверски системи во нашата земја.
- Уште како мал ми беше интересно да решавам логички проблеми и задачи, па кога се запознав со програмирањето во средно училиште, веднаш сфатив дека тоа е она што сакам да го учам и работам, вели Андреј Миловановиќ, првенец на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство за учебната 2020/2021.
Андреј дипломирал со просек 9,83 и неодамна доби признание од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за еден од најдобрите во неговата генерација. Шлагот на тортата дојде кога тој стана еден од добитниците на „Инженерски прстен“, кој го доделува претседателот Стево Пендаровски. „Инженерски прстен“ им се дава на 12 најуспешни студенти што дипломирале на факултетите за инженерски дисциплини во земјава.
Уште во средно бев одличен програмер
Андреј бил одличен ученик во основното училиште „Петар Поп Арсов“ и во средното училиште „Орце Николов“ и уште во таа рана образовна фаза имал талент за брзо решавање математички проблеми и задачи. Тој имал и голема желба еден ден професионално да се занимава со некаква научна дејност, а коцките се склопиле кога првпат дошол во допир со програмирањето. Во пресрет на четвртата година од средното училиште, со одлична математичка и програмерска основа, тој без размислување се одлучил за ФИНКИ.
- Од рана возраст имав амбиција да станам научник, па кога навлегов малку подлабоко во светот на програмирањето, сфатив дека двете области во кои би сакал да ја остварам таа цел се машинското учење и дистрибуираните системи. За изборот на факултет се одлучив уште пред да започнам четврта година средно, кога имав доволно знаење во областа на математиката и програмирањето. Одлуката беше лесна бидејќи уште тогаш бев одличен програмер и знаев дека сакам да работам во таа индустрија - вели Андреј.
Омилен предмет ми беше Напредно програмирање
Андреј се запишал на ФИНКИ во 2017 година, на насоката Компјутерски науки и инженерство. Факултетот го завршил во рок, без преполагање испити. Тој влегол со високи очекувања на факултетот и со желба да го прошири знаењето, а не да брка висок просек, кој подоцна го доби како плод на неговата посветеност на учењето.
- На ФИНКИ очекував дека ќе ги проширам погледите кон огромната сфера на информациони технологии, дека целосно ќе го разберам процесот на развој и испорака на софтвер и дека на крајот, кога ќе имам доволно добра претстава во сите области на ИТ, лесно ќе одлучам која е вистинската насока во која би продолжил да работам и да се развивам како инженер и по завршувањето на моите студии. Непотребно е да се каже дека моите очекувања беа исполнети. Омилен предмет ми беше Напредно програмирање, каде што неретко бевме принудени да излеземе од комфор-зоната и да се обидеме да најдеме креативни решенија на проблемите зададени на предавањата и на вежбите - додава Андреј.
За еден студент да успее, потребна е желба за учење
Сметам дека она што му е потребно на еден студент за да успее е желбата за учење и стекнување нови знаења, а десетките потоа ќе дојдат сами, вели Андреј, кој поттикнат од конкуренцијата што ја имал, но и од колегијалноста при спремањето на одредени испити, извадил максимум од факултетот.
- Набрзо се запознав со колеги кои ја имаа истата амбиција како мене, па создадовме здраво ривалство во кое си помагавме и се поттикнувавме едни со други, што го извлече најдоброто од секој од нас. По некоја случајност, од таа неверојатна група луѓе јас бев тој што успеа да постигне најдобар успех на факултетот. Сметам дека она што му е потребно на еден студент за да успее е желбата за учење и стекнување нови знаења, а десетките потоа сами ќе дојдат. За секој предмет беше потребно различно време посветено на учење за испитот. Опсегот се ширеше од неколку часа до неколку дена, а некогаш и недели. Секако, редовната посета на предавањата и редовната изработка на вежбите, како и учењето во тим со другите колеги, беа од огромна помош при подготовката на испитите - додава Андреј.
Планира да се запише и на магистерски студии
Како личност што дипломирала пред само седум месеци, а веќе една година и шест месеци работи во струката, Андреј подготвен го направил трансферот од образовното на професионалното ниво. Со планови да се надгради во иднина, тој исто така е концентриран на професијата преку која има желба да даде придонес во модернизацијата на нашата земја.
- Мојот краткорочен план е да работам и да стекнам искуство во струката. Но, со сигурност би сакал да го продолжам моето школување и да се запишам на магистерски студии во иднина. Моите амбиции на долгорочен план се стекнатото искуство и експертско знаење да ги искористам за целосна дигитализација, како и модернизација на постојните софтверски системи во нашата земја. Уште кога дипломирав сметав дека бев, и сè уште сум, повеќе од подготвен да ја градам својата идна кариера, независно од мојот успех на факултетот, врз моите амбиции и трудот кој го вложив во нивното остварување - вели Андреј.