Автор: Елена Бабунска, студент на ФИНКИ
Во рамките на предметот Медиуми и комуникации, кој претставува изборен предмет на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, ние како група студенти ја разработивме темата „Безбедноста на младите на социјалните мрежи“ во рамките на нашиот проект. Нашиот тим е составен од Елена, Бојана, Стефан и Стојанчо и сме студенти во втора студиска година.
Со функционирањето засебно и изолирано во домовите, ковид-кризата придонесе за намалена социјализација, комуникација и го насочи вниманието на луѓето кон социјалните мрежи и медиуми, а најмногу на младите. Иако употребата на интернетот и електронските уреди има голем број предности, вклучувајќи го и образованието, постојат и многу недостатоци што создаваат нови проблеми. Со зголеменото присуство на социјалните мрежи и намалената интеракција со општеството, сè поголем проблем стана моментот на електронска комуникација која во голем дел од случаите резултира со одредена лоша конотација, небезбедна комуникација, лажни вести, ширење пропаганди, како и појавата на зголемен процент сајбер-булинг помеѓу лицата.
Помладите корисници на социјалните мрежи не се доволно свесни и информирани дека нивните лични податоци можат да бидат злоупотребени на различен начин. Сè поголем е бројот на лажни профили, кои преземаат туѓи идентитети, корисници на профили кои служат за омаловажување, пишување навредливи коментари, споделување туѓи фотографии и нивни податоци во јавни фејсбук-групи. Пример за тоа е „Јавна соба“, која привлече големо внимание кај луѓето и остави последици кај жртвите, чии слики и податоци беа објавени во таа група. Често се случува малолетни лица да поседуваат свој профил каде што објавуваат фотографии, но и се впуштаат во разговори со непознати лица кои лажно се претставуваат и кои можат да ги наведат и на директна средба. Во полош случај податоците споделени на социјалните мрежи се користат и за педофилија, па дури и за трговија со луѓе. Имено, постојат профили кои ги користат споделените моментални локации на некој корисник, додека е во некој ресторан или кафуле. Истите информации ги искористуваат за кражби и киднапирање. Киднапирањето на деветгодишната Маша од Србија е последица од споделената локација на фејсбук-профилот на нејзината мајка. Иако девојчето било спасено, сепак ова е доказ дека споделувањето на локацијата не е безбедно.
Доколку се работи на полето на превенција, доколку јавноста се запознае со ваквиот проблем на младите, кој не е проблем од мал ранг, би се постигнал одреден ефект кој ќе даде подлога за поголема внимателност и транспарентност. За таа цел, ние остваривме соработка со Црвениот крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Кисела Вода, кој како организација моментално спроведува кампања за превенција и подигнување на јавната свест токму за оваа проблематика. Понесени од желбата да го истакнеме проблемот пред средношколците, учествувавме во спроведување обуки во неколку средни училишта на територија на град Скопје, меѓу кои и СУГС „Браќа Миладиновци“.
Се надеваме дека пораката што ја носи нашиот проект ќе допре до младите и дека во иднина при користење на социјалните мрежи ќе бидат повнимателни и поодговорни.